Вечерва со почеток во 21:00 часот во предворјето на црквата Св.Софија на репертоарот на „Охридско Лето“ е македонската пијанистка Марија Ѓошевска, со изведба на дела од Шуберт, Шопен, Шуман.
Марија Ѓошевска е еден од најистакнатите и најактивни пијанисти во Република Македонија со врвни професионални перформанси, виртуозност и изразита индивидуалност. Марија Ѓошевска дипломира, магистрира и докторира на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на истакнатиот педагог проф. Борис Романов. Добитник е на повеќе награди на државни и меѓународни натпревари. Како солист и камерен музичар настапува на бројни реномирани меѓународни фестивали и на концертни подиуми низ Европа и светот. Редовно настапува како солист со Македонската Филхармонија, а значајни се и концертите со Дубровачки Симфониски Оркестар, Камерниот оркестар на Музичка Младина на Македонија и фестивалскиот оркестар на меѓународниот фестивал „Охридско лето” во соработка со диригентите: Антон Нанут, Леонид Николајев, Патрик Штруб, Арилд Ремерајт, Јуриј Алиев, Саша Николовски – Ѓумар, Борјан Цанев и др. Член е на триото „ВАМ“ и пијано дуо со Елена Атанасовска. Марија Ѓошевска е вонреден професор на ФМУ – Скопје. Реализира повеќе аудио и видео снимки за МРТВ.