„Balkan Music Square“ по 12 пат во Охрид

Со особена чест и задоволство Ве инфoрмираме дека во организација на продуцентската куќа “Трето Уво” на 9-ти и 10-ти Август во Античкиот Театар во Охрид, со почеток во 21:30 часот, ќе се одржи дванаесетото по ред издание на традиционалниот музички фестивал Balkan Music Square.

Првата фестивалска вечер ќе ја отвори виртуозот на хармоника Горан Алачки, а по него ќе настапи српската група “Златопис” од Белград, предводена од рок легендата Љуба Нинковиќ.

Втората фестивалска вечер ќе ја отвори македонската група „Ла Колони Волвокс“, предводена од Сашо Гигов – Гиш, а веднаш по неа свој целовечерен концерт ќе одржи групата која ги освои срцата на Европа, на овогодинешното издание на Евровизија во Малме, „Коза Мостра“ од Грција.

Куриозитет на овој престижен фестивал е дека и оваа година влезот е БЕСПЛАТЕН!

Фестивалот е финансиран исклучиво од спонзори и донатори: Министерство за култура на Република Македонија, T-Mobile и Македонски Телеком, Стопанска банка АД Скопје, Винарија Стоби, ЕВН Македонија, Општина Охрид и Хотел Де Лаго.