Македонија мора што е можно побрзо да биде таму каде што и е местото – во НАТО и ЕУ, истакна хрватскиот премиер Зоран Милановиќ на заедничката прес-конференција со премиерот Никола Груевски, кој денеска престојува во официјална посета на Хрватска.
Милановиќ, нагласи дека Македонија што поскоро треба да ги почне преговорите за приклучување во ЕУ, а влезот во НАТО да биде веднаш, бидејќи Македонија, како што рече, беше во акцискиот план за членство во НАТО пред Хрватска. Подготовките, додаде, одамна завршија.
„Во таа смисла ја поддржуваме секоја добронамерна иницијатива, но, за жал, знаеме и кај се пречките за кои помина премногу време“, истакна Милановиќ.
Премиерот Груевски рече дека очекува Хрватска, која веќе е член на ЕУ, да биде и натаму наш силен поддржувач, притоа истакнувајќи дека Македонија ги исполни стандардите за влез во ЕУ, но се бараат начини за решение на спорот што, како што рече, ни го наметна нашиот јужен сосед и да се отвори патот за интегрирање во НАТО и ЕУ.
„Она што е значајно е дека Македонија уште од 2009 година ги исполни стандардите за почеток на преговори со ЕУ за полноправно членство и оттогаш натаму ја повторува препораката за почеток на преговорите со Македонија, а од 2008 година, кога Хрватска стана членка на НАТО, Македонија ги има исполнето условите за полноправно членство и во Алијансата“, рече премиерот Груевски притоа изразувајќи благодарност за јавно изразената поддршка на неговиот колега дека Македонија може да смета на поддршката на Хрватска во овој процес.
Практично, додаде Груевски, да не беше спорот со нашиот јужен сосед, планот на НАТО беше Македонија да стане членка на Алијансата истовремено со Хрватска. – Веќе бевме при крај со преговорите за полноправно членство во ЕУ. За жал, овој проблем ни создаде многу штети, но неговото решавање не зависи само од нас, туку во голема мера зависи од тој што го создаде, истакна македонскиот премиер.
Груевски и Милановиќ истакнаа дека Македонија и Хрватска се пријателски земји кои делат заеднички вредности и немаат отворени прашања.
Премиерот Груевски изрази задоволство од позитивниот тренд на билатералните односи, како на политички, така и на економски план, притоа нагласувајќи дека тоа се должи на континуираните средби на рзлични нивоа.
„Така и не оставаме простор за проблематични прашања, затоа што се среќаваме и ги решаваме“, рече Груевски.
Неговиот колега Милановиќ додаде дека Македонија и Хрватска иако не се соседи, сепак ги врзуваат многу работи.
Двајцата премиери размениле информации поврзани со економиите во двете држави, за проблемите со кои се соочуваат и за предизвиците, но и за интересите на компаниите за правење бизнис, трговија или инвестиции во Македонија и Хрватска.
Премиерот Груевски повтори дека хрватските компании се добродојдени во Македонија за која било нивна активност и тие на македонскиот пазар, како што рече, се примаат како многу блиски.
Тој информира дека Македонија е држава со најниски трошоци за правење бизнис во Европа и таа е многу атрактивна за компаните од различни држави.
„Во тој правец верувам дека многу хрватски компании ќе најдат интерес за правење бизнис во Македонија“, рече Груевски.
Одговарајќи на новинарско прашање за продлабочување на економската соработка со Хрватска, по нејзиниот влез во ЕУ, рече дека членството на Хрватска во Унијата може само да ја подобри соработката и да ја направи уште посилна.
„Секогаш постојат услови за унапредување на таа соработка. Ние сме земја со одлични услови за правење бизнис, на 23. место во однос на добрата бизнис клима и добрите услови за правење бизнис, така што верувам дека хрватските компании, доколку сакаат да излезат надвор од Хрватска поради кои било причини, ќе најдат интерес во Македонија и се разбира и македонските компании кои се ориентирани кон надвор, исто така ќе најдат свој интерес во Хрватска“, истакна премиерот Груевски.
Попладнево тој ќе има средби со хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ и со претседателот на Собранието на Хрватска Јосип Леко.
Предвидена е и средба со претставници на Заедницата на Македонци во Република Хрватска.