„Ни ваму, ни таму“ на 17 август со почеток во 21 часот повторно на репертоарот во Центарот за култура „Григор Прличев“ – Охрид. Театарска претстава на Бојан Трифуновски, Симеон Дамевски и Љупчо Тодоровски. Упа е современа приказна за една вечна македонска тема – македонското печалбарство.
„Ни ваму, ни таму“ претставува еден поинаков, посвеж и многу подуховит осврт на истиот проблем – да се оди НАДВОР или да се врати ДОМА?
Се чини дека американска поговорка која вели „Тревата е секогаш позелена во туѓиот двор“, најточно го одразува овој аспект на нашиот менталитет и судирот што произлегува од него.
“Ни таму, ни ваму“-извонредна актерска игра, напати комична, со реплики од секојдневниот живот на двајцата случајни патници кои заглавени зарди лошото време го чекаат својот лет за НАДВОР и ЗА ДОМА на еден европски аеродром, од една страна, и емотивниот прелом по соголената животна вистина на двајцата соговорници, од друга страна, не упатуваат да се запрашаме: дали навистина подобро се живее на родното огниште, или далеку во светските метрополи каде трудот се плаќа во конвертибилни валути?
Двајцата случајни патници, скопјаните Аце од Мичурин, повратник од Америка (Симеон Дамевски) и Ице од Кисела Вода (во игра Љупчо Тодоровски – Упа), кој по изгубената работа во македонската транзиција одлучил да се “ресетира“ во Америка, отвараат жолчна дискусија за слабостите на системот во Македонија и животот во туѓина.Ице звани Шизик, бил главен фраер во свое време. Завршил факултет, вртел женски, станал комерцијалист во голема трговска фирма, а по трансформацијата на општествениот капитал останал без работа. Продолжил да заработува како таксист, за себе и за своето семејство, но така го изгубил достоинството, почитта, и решил да замине на запад:- “28 пати давав крв во социјализмот, 28 пати, но транзицијата ме сјеба, ме исцица брат, ме исцица. Затоа бегам. Ако морам да бидам курва, барем ќе бидам курва на Запад. Подобро плаќаат“, заклучува Ице Шизик.- “Многу ми е криво, ама у право си“ одговара Аце даска.Каде подобро се живе, дали во Македонија, или во светот? – „Имам пари, немам грутка. Доста бе, више еднаш! Не ли ви здосади со таа гастербајтер филозофија“, што ја исмева Ице Шизик. “А ваму се враќаш со пари полн ко брод“, му се чуди на повратникот Аце. Аце го нуди да бидат партнери во бизнисот со новокупениот хотел во Струга, инвестиција заработена по 20 години печалба во Америка. – Охридско езеро, хавајска кошула, кубански пури, француски коњак, струшки цициња. А? Доаѓаш ли? Каде заминуваат познаниците кога аеродромскиот разглас ќе објави дека се расчистиле временските услови за лет? ДОМА или НАДВОР? Дознајте од претставата. Влезот чини 100 денари.