Нови 12 наслови од владиниот проект за превод на 1.000 стручни книги, кои се користат на првите 10 рангирани универзитети во светот според Шангајска листа, беа промовирани денеска, со што вкупниот број преведени, отпечатени и дистрибуирани учебници од овој проект достигна 821.
На денешната промоција, 48-ма од почетокот на проектот во 2009 година, беа претставени изданија од областа на претприемаштво и иновации, медицина, ветерина, правни и економски науки, земјоделство… Проектот е 80 отсто реализиран и во план е да биде заокружен до крајот на годинава.
Премиерот Никола Груевски на промоцијата истакна дека со нив македонските студенти имаат лесен пристап до врвната научна мисла зашто делата од современи и познати светски автори им се овозможени на мајчин јазик, исто како и за нивните врсници на престижните универзитети Харвард, Јејл, Оксфорд…
„Ова е една од најголемите инвестиции во македонското образование во сите изминати години… Капиталот на знаење, кој преку овој проект влегува во македонското општество, меѓу македонската младина и научници, ќе има повеќекратни и долгогодишни ефекти за Македонија. Врвната литература ќе помогне да се иницира напредок во многу научни полиња и да се изградат врвни кадри кои, пак, ќе треба да го забрзаат развојот на земјата“, истакна Груевски.
Според него, се повеќе се прифаќаат преведените учебници за кои во почетокот на проектот имало отпор од некои професори. Но сега, рече тој, преведените книги го заземаат своето место во македонското образование. Повторно апелираше до професорите да ги користат овие учебници како примарна литература зашто, како што рече, нивното игнорирање е негирање на науката што ја предаваат.
Министерот за образование и наука Спиро Ристовски посочи дека проектот кој влегува во завршна фаза е инвестиција со многу позитивни ефекти.
„Од најголемо значење за македонските студенти, кои квалитативно и квантитативно го зголемуваат фондот на информации со кои располагаат и де факто стануваат конкурентни со своето знаење, во многу научни области. А знаењето е моќна алатка за круцијални промени во секое општество“, рече Ристовски.