Вечерва со почеток во 21 часот во црквата „Св.Софија“ на програмата на „Охридско Лето“ ќе настапат двајцата пијанисти Марк Соле Лери и Фредерик Шовел од Франција со изведба на дела од Моцарт, Дворжак, Менделсон-Мошелес, Пуланк, Мијо.
Пијано дуото Марк Соле-Лери – Фредерик Шовел го сочинуваат двајца успешни пијанисти – претставници на француската изведувачка школа. Во текот на своето повеќегодишно постоење дуото се промовира како еден од најуспешните ансамбли од ваков вид во Франција и надвор од неа, а неодамна стана добитник на наградата на конкурсот „Grieg“ во Осло, Норвешка. Ансамблот има изградена одлична меѓународна кариера на концертните подиуми во Европа и САД и редовно настапува на престижните фестивали и концертни серии во Франција, Полска, Шпанија, Русија и други земји. Музичарите настапуваат и со симфониски и камерни оркестри, изведувајќи концерти за две пијана. Вистински настан во музичкиот живот беше нивната соработка со кубанско-американското пијано дуо Кирк Випл/Мерилин Моралес со кое го оформиле Пијано квартетот на Обединети Нации и одржале концертна турнеја во Франција и САД. Двајцата пијанисти предаваат на „Ecole Départementale de Musique des Alpes Maritimes“ и се уметнички директори на „Festival des Portes du Mercantour“ и „Festival de la Haute Tinée“. Во 2006 година го основале Меѓународниот натпревар за четирирачно пијано во Валберг.