Утре ќе биде отворена групната изложба „Тромбоза“

Во организација на Центарот за културен проток „Артерија“ во сабота на 17-ти август во Sunny Lake Hostel – Охрид, ќе биде отворена групната изложба „ТРОМБОЗА“ со почеток во 21:00 часот. Ќе бидат изложени слики, графики, фотографии, објекти и инсталации.

Создавањето крвен засирок што не може да се „раствори“ се нарекува тромбоза. Тромбозата се јавува кога постои: стаза (застој, забавена циркулација на крвта), оштетување на ендотелот (внатрешниот слој) на крвните садови, се јавува и при посета на журки од типот на Аца Лукас, Саша Матич и компанија, како и таложење на масни наслаги при конзумирање на лесковачка скара. Сето ова води кон згрутчување на крвта. Крвниот засирок може да се појави било каде, во срцето, артериите, капиларите и во вените. Симптомите на зафатената вена се црвенило и оток, и појава на опипливи јазлести затврднувања и гримаси. Лекувањe: Заболениот мора да мирува, со подигната нога над нивото на срцето или дирекно на консултации на 17.08. во 21h во Sunny Lake Hostel со членовите на белодробна Артерија и учесниците: Ивана Настески, Билјана Ангелеска, Сашо Блажески, Зоран Мише, Стевчо Наумоски, Горан Ристовски и Кристијан Ќосески.

Изложбата ќе биде отворена еден ден.