Вевчани од денеска во знакот на фолклорот

Од денеска па во наредните три дена,  во организација на КУД „Дримкол“, во Вевчани се одржува 3-от по ред Меѓународен фолклорен фестивал „Пображење Вевчани“. Учество ќе земат  домашни фолклорни ансамбли и етно состави од Србија, Турција, Романија, Црна Гора, Бугарија .

„Фестивалот има за цел да ја развива и негува фолклорната традиција во Македонија преку презентација на домашни фолклорни ансамбли, а исто така да овозможи запознавање со фолклорот на другите држави преку учество на странски фолклорни ансамбли . Исто така, фестивалот има за цел да го збогати културното живеење во Вевчани, како и да ја збогати туристичката понуда во Вевчани и во Охридско – Струшкиот регион“, велат организаторите.

Во рамките на фестивалот денеска ќе се одржи и научна вечер на тема: „Играорната традиција во Вевчани, достоинствен чувар на Македонската изворна култура“, на која ќе говорат еминентни личности од оваа област и тоа: М-р Велика Стојкова Серафимовска, етномузиколог-Институт за фолклор; Проф.Др. Рубин Земон, Универзитетски професор-Институт за социо културна антропологија;  Блаже Палчевски, етнолог; Анастас Ќушкоски, хроничар на Вевчани; Аргил Мукоски, наставник по музика – КУД „Дримкол“- Вевчани. Модератор на вечерта: Наташа Ташкова, етнолог.

Културно Уметничкото Друштво „Дримкол“ од Вевчани оваа година прославува 40 години организиран фолклор во Вевчани. Ова друштво е само продолжение на фолклорната традиција која за прв пат се појавува во 1947 година кога се формира играорна група во Вевчани и успешно со своја програма учествува на 11 Октомвриските свечености во Штип и Скопје. 

Исто така, во рамките на ова културно уметничко друштво работи и пеачката група „Каданка“ која негува изворни традиционални песни и настапува на манифестации и фестивали и како пратечка вокална група на фолклорниот ансамбал и како самостојна група.

VevcaniPlakat