Од утре до 31 август во Охрид ќе се одржи четвртата Школа за млади лидери на претседателот Иванов

Вкупно 42 учесници и 30 предавачи од Македонија, Европа и светот, ќе бидат дел од Школата за млади лидери, што по иницијатива на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, годинава по четврти пат ќе се одржи од 19 до 31 август во Охрид.

Идејата на Школата е да им се овозможи на младите, талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и лидерски способности.

„Програмата на школата опфаќа предавања и обуки од сферите на лидерството и менаџментот од страна на еминентни предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, менаџмент-симулации и практични лидерски вежби. Целта на оваа школа е, пред сè, да се стимулираат позитивните вредности кај младите лидери и идни политички, културни и економски предводници на нашата земја. Школата е наменета за млади луѓе со завршено високо образование кои имаат желба да ги развиваат своите лидерски вештини и капацитети, и да придонесат за идниот позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат“, вели Гордица Каранфиловска, координатор на проектот.

Годинава на Школата учествуваат и двајца слушатели од Институтот за меѓународно лидерство на американскиот сенатор Џон Меккејн.

На првиот ден од Школата свои предавања ќе одржат д-р Вацлав Клаус, Поранешен претседател на Чешката Република и Н.Е. Цуи Живеи, Амбасадор на Народна Република Кина во Република Македонија, а свое обраќање ќе има г. Иво Шлаус, Претседател на Светската Академија на науки и уметности.

Меѓу предавачите на четвртата Школа за млади лидери се г. Доналд Дејв Мередит, канадски сенатор, г. Тафшир М. Авал, Директор на Групацијата Мултимод од Бангладеш, г. Александре Севињи, Директор на постдипломски студии за комуникациски менаџмент на McMaster-Syracuse и McMaster University од Канада, г. Борис Поркович, Заменик претседател на Институтот за истражување на мали Европски држави од Монако, г. Доналд Стил, Директор на британската компанија Џонсон Асошиејтс и поранешен главен медиа портпарол на BBC, како и г. Драган Стефановиќ, Пензиониран офицер во Армијата на САД и професор на Магистерски студии на програма за јавна администрација во „Апалачиан”, Државен универзитет во Северна Каролина. Меѓу предавачите се и истакнати поединци и успешни лидери во компании и образовни институции од Македонија, Шпанија, Нов Зеланд, Хрватска, Босна и Херцеговина, Израел и други земји.

Во изминатите три години на Школата учествуваа 115 млади луѓе и 70 предавачи, меѓу кои амбасадори, функционери од Европската Унија, директори на меѓународни институти и успешни бизнис компании, професори од реномирани светски универзитети.

Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, доказ дека се работи за жив проект, од кој постојано произлегуваат нови идеи и иницијативи.

shkola1