Иванов: На Македонија и се потребни луѓе кои знаат да предводат и да водат

На Македонија и се потребни луѓе кои знаат да предводат и да водат и во сегашноста, но и во иднината. Ни требаат лидери не само во политиката, туку и во економијата, културата, бизнисот, спортот, секаде, нагласи денеска претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на отворањето на Четвртата Школа за млади лидери.

На учесниците на школата, која ја спореди како управување со автомобил, Иванов им порача што повеќе да гледаат напред, поцврсто да го држат воланот и да имаат што повеќе сопатници, кои ќе ги пренесат во еден поинаков свет исполнет со радост и среќа.

„Сознанијата што ќе ги стекнете од Школата секогаш да бидат во вашите мисли неколку чекори понапред од другите, да размислувате секој пат од аспект на иднината и да ги согледувате сите последици од вашите одлуки кои мора да ги носите. Да бидете свесни за се она што вам ви е пренесено, кое треба да го сочувате и да го пренесете на идните генерации“, рече македонскиот претседател.

Школата, која по четврти пат се одржува на иницијатива на претседателот Иванов, според него, е резултат на желбата да се продолжи со едукација и пренесување на знаење.

„Таа е признание на целиот индивидуален успех на учесниците што досега го постигнале, бидејќи сето она знаење што сте го стекнале, во оваа школа го надградувате и усовршувате. Ова не е школа само за знаење, ова е школа за многу вештини и искуства од нашите пријатели, кои ни укажуваат на она што се очекува од оваа генерација. Затоа што живееме во свет кој многу брзо се менува. Свет во кој многу знаења брзо застаруваат и се соочува со големи предизвици што бараат нови решенија, кои некогаш излегуваат од рамките на шаблоните кои досега ги знаеме и познаваме. Тие решенија мора да ги дадат луѓе кои не се оптеретени со трауми од минатото“, рече претседателот Иванов.

Оваа генерација која расте, додаде претседателот Иванов, се обидуваме да ја насочиме во тој правец да нуди решенија и свои визии на овој забрзан свет, и е од помош не само за Македонија, туку и за регинот и за цела планета, бидејќи живееме во свет во кој глобалното стана локално.

Поранешниот претседател на Чешката Република, д-р Вацлав Клаус, на отворањето истакна дека идејата на претседателот Иванов за организирање школа за лидери е добра, креативна, и смета дека не е доцна да ја пренесе во неговата земја.

„Сметам дека младите луѓе мора да имаат можност да се среќаваат да разговараат и да слушнаат други кои веќе имаат стекнато одредено искуство во различни свери од животот и нивната кариера“, рече Клаус.

Претседателот на Светската Академија на науки и уметности Иво Шлаус нагласи дека Школата е целосна иновација.

„Прашањето за лидерите е на многу начини интригантно, но ние мора да гледаме напред, да сме свесни за она што се случува позади нас и ние треба да одлучиме по кој пат ќе одиме“, истакна Шлаус.

Меѓу предавачите на четвртата Школа за млади лидери се г. Доналд Дејв Мередит, канадски сенатор, г. Тафшир М. Авал, директор на Групацијата Мултимод од Бангладеш, г. Александре Севињи, Директор на постдипломски студии за комуникациски менаџмент на McMaster-Syracuse и McMaster University од Канада, г. Борис Поркович, Заменик претседател на Институтот за истражување на мали Европски држави од Монако, г. Доналд Стил, Директор на британската компанија Џонсон Асошиејтс и поранешен главен медиа портпарол на BBC, г. Сиетсе Бејкер, раководител на Изборот за песна на Евровизија и Генерален директор на холандската компанија Wow!works, како и г. Драган Стефановиќ, Пензиониран офицер во Армијата на САД и професор на Магистерски студии на програма за јавна администрација во „Апалачиан” – Државен универзитет во Северна Каролина. Меѓу предавачите се и истакнати поединци и успешни лидери во компании и образовни институции од Македонија, Шпанија, Нов Зеланд, Хрватска, Босна и Херцеговина, Израел итн.

На годинешната школа гостуваат вкупно 30 реномирани предавачи од врвни образовни и професионални институции, кои ќе ги пренесат своите искуства и видувања за лидерството на вкупно 40 учесници на обуката.