Прекршочни пријави и забрана за влез во Македонија за 4 странски државјанки со непријавен престој

Четири странски државјанки се затекнати со непријавен престој во струшкото село Велешта при акцијата што викендов заеднички ја реализираа полициските службеници од СВР Охрид и граничната полиција од регионалниот центар Запад. 

И.Б. (24) А.И. (27) М.Б. (30) од Република Албанија како и М.С. (34) од Косово се затекнати во хотелот „Јони“ во Велешта по што, согласно законот за странци им е поднесена прекршочна пријава. Нив им е изречена парична казна од 300 евра и забрана за влез во Република Македонија во времетраење од шест месеци до една година. Странските државјанки во хотелот извесно време работеле како естрадни уметнички и имале нелегален престој со што извршиле злоупотреба на туристичкиот престој во Република Македонија за нелегална работа.

Ваква акција беше реализирана и минатиот викенд во Кичево кога при контрола на угостителскиот објект „Стара централа“ со нелегален престој и нелегална работа беа затекнати две државјанки од Република Србија. По поднесената прекршочна пријава нив им е изречена парична казна и забрана за влез во Република Македонија за време од една година. 

Инаку викендов во координација со инспекторатот за животна средина, СВР Охрид изврши контроли и низ угостителските објекти во Охрид. Притоа не се констатирани прекршоци за гласна музика, присуство на малолетници во локалите и точење алкохол на малолетни лица.