Завршена втората фаза од конзервацијата во археолошкиот локалитет Манчевци

Во рамките на реализацијата на  програмата за заштита на културното наследство, Министерството за култура во соработка со Заводот за заштита на спомениците и музеј Охрид заврши со втората фаза од конзервацијата на ранохристијанската базилика во археолошкиот локалитет Манчевци во Охрид.

По извршените археолошки истражувања минатата година, при кои беа откриени значајни наоди, меѓу кои и централниот и северниот брод на базиликата, се пристапи кон конзервација на постоечките ѕидови и чистење на дел од мозаиците од археолошкиот локалитет, додека пак мермерните столбови пронајдени на лице место беа поставени на својата автентична позиција во структурата на базиликата.

Се работи за една од деветте ранохристијански базилики откриениво стариот дел на Охрид, со прекрасни мозаични подлоги и со огромно значење за културното наследство на Република Македонија.

Со изведбата на покривна конструкција над базиликата и илуминација на просторот, градот Охрид се здобива со уште еден атрактивен археолошки локалитет кој нуди одлична можност за дополнителна афирмација на културното наследство на Република Македонија.

Со реализација на третата фаза од проектот во текот на 2014 година кога ќе бидат целосно конзервирани и богатите мозаични подови, овој проект ќе биде целосно завршен.

Проектот се реализира со средства од буџетот на Mинистерството за култура на Република Македонија. Досега за конзервација на овој археолошки локалитет, Министерството за култура има обезбедено вкупно четири милиони  и шестотини илјади денари.