Купиле килограм марихуана и тргнале да ја носат во Охрид

Завчеравечер (20.08) околу 23 часот, во непосредна близина на клучката за тетовското село Групчин, службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај-Автопатна Тетово запреле патничко возило „БМВ“ со скопски регистерски таблици, што го управувал  21-годишниот Ф.И од Студеничани.

При контрола на возилото,  во кое биле уште две лица, Д.С (33) и С.П (23) од Скопје, под совозачкото седиште, пронајден е ранец во кој имало непозната тревкаста материја, завиткана во најлонска фолија. Пронајдениот ранец бил сопственост на Д.С, кој заедно со возачот и сопатничката С.П набрзо биле приведени и задржани во Полициската станица Тетово.

Во фолијата имало над еден килограм марихуана, која според кажувањето на Д.С, претходно ја купил од Ф.И и требало да ја однесе во Охрид.

Против сите тројца поднесена е соодветна  кривична пријава, а истражен судија на Основниот суд Тетово вчера на Ф.И и Д.С им определи мерка притвор во траење од по 30 дена.