„Охридска софра“ утре во Скребатно

Утре, во излетничкиот комплекс кај селото Скребатно ќе се одржи манифестацијата „Охридска софра“ која е во организација на Општина Охрид во соработка со Факултетот за туризам и угостителство.

„Со тоа, на некој начин ќе биде најавен крајот на туристичката сезона. На овој начин, не само што ќе дадеме еден симболичен крај на туристичката сезона, туку ќе извршиме пообемна промоција на традиционалните охридски специјалитети, кои што верувам се добро познати насекаде“, – истакна раководителот на Секторот за туризам и локален економски развој, Ѓоко Апостолов.

На манифестацијата ќе бидат презентирани традиционалната храна и пијалоци. Студентите од Факултетот за туризам и угостителство и охридските ресторани ќе ги покажат своите кулинарски вештини, програмата ќе биде збогатена со настап на ансамблите „Билјана Јуниор“ и „Зарина“, а како главни звезди на манифестацијата, концерт ќе одржи групата „Љубојна“.