Футсал репрезентацијата поразена од БиХ во вториот контролен натпревар

Футсал селекцијата на Македонија загуби со 4-3 од Босна и Херцеговина на вториот контролен дуел одигран во салата „Гемиџии“ во Велес. Во динамичен и исклучително борбен натпревар, Македонија и БиХ играа без голови на полувреме, во вториот дел гостинските фудбалери постојано беа во предност. Македонија израмни на 1:1, намаливме на 3-2, босанците одново ја вратија разликата на два гола, Мицевски го постигна третиот погодок за Македонија за финални 4-3 за Босна и Херцеговина.

„Одигравме динамичен и исклучително квалитетен натпревар. Не ги искористивме шансите, БиХ знаеше да казни и заслужено славеше. Во секој случај, наш приоритет на овој натпревар беше да им дадеме шанса на помладите играчи, фудбалерите кои претставуваат перспектива на македонскиот футсал и во целост сум задоволен од прикажаното. Генерален заклучок од двата контролни дуели е дека Македонија воопшто не заостанува по квалитет во однос на селекциите кои се во врвот на европскиот футсал. Потврдивме дека може да играме и да победуваме во натпревари против репрезентации кои имаат подобар рејтинг. Наша тенденција и во иднина ќе биде да играме контролни дуели против квалитетни селекции“, изјави селекторот на футсал репрезентацијата, Васко Скендеровски.

Македонија славеше победа од 4:2 на првиот натпревар кои двете селекции го одигаа во Велес. Нашата репрезентација се подготвува за септемврискиот квалификациски циклус за пласман на СП во Србија.