И покрај тоа што нашата репрезентација настапи без капитенот Перо Антиќ, предводени од брилијантниот денеска Ѓорѓи Чековски нашите репрезентативци ја совладаа Босна и Херцеговина со 93-94, освојувајќи го првото место на турнирот во Улм.
Како и што се најавуваше, се играше брза и атрактивна кошарка, со многу поени и многу шутеви од далечина помеѓу двете непоразени селекции по првите два дена од турнирот во Улм. Често двете репрезентации го менуваа водството за на полувреме да се замине со изедначени 41-41. Слична беше ситуацијата и во поголемиот дел од третата четвртина, но само што почна последната минута од тој трет период, неспортска му беше досудена на Илиевски, а веднаш потоа и техничка на Чековски. Босна и Херцеговина доби шест слободни, а потоа во последниот напад Кикановиќ реализираше тројка и Босанците набрзина стигнаа до највисоки 10 поени разлика пред стартот на четвртата четвртина.
Сепак, во решавачките 10 минути од натпреварот, извонредна игра во нападот на нашата репрезентација, предводен од исклучително расположениот Ѓорѓи Чековски. При резултат 72-62, најпрво Војдан Стојановски постигна 2 поени, а потоа Чековски реализираше 13 коша по ред, предводејќи пресврт и водство на Македонија од 77-74. Се придодадоа и Илиевски со тројка и Брчков со уште два поени и Македонија го одржа водството до крај за заслужен триумф во своевидното финале во Улм.
Чековски одигра натпревар за паметење. Го заврши со 33 поени, погодувајќи 6 од 7-те шутеви за тројка, а на тоа додаде и 6 скокови, 2 асистенции и 1 блокада. Одлична поддршка доби и од останатите кошаркари, кои потврдија уште еднаш дека нашата репрезентација е екипа чија најсилна страна е силната тимска игра и силниот тимски дух. Владо Илиевски постигна 20 поени со 3 скокови и 3 асистенции, Војдан Стојановски додаде 12 поени со 6 скокови и 2 асистенции.
Уште во листата на стрелци се запишаа и Мекејлеб (8 поени, 5 скокови, 5 асистенции), Гечевски (6 поени, 7 скокови), Дамјан Стојановски (6 поени, 5 скокови, 4 асистенции), Самарџиски (5 поени, 1 скок, 1 асистенција), Брчков (3 поени, 2 скока, 2 асистенции). Кај Босна и Херцеговина, Телетовиќ и Ѓедовиќ беа најдобри со искомбинирани 39 поени.
По овој успешен настап на турнирот во Германија, нашата репрезентација се враќа во Скопје каде ќе продолжи со тренинзи до наредниот понеделник (2 септември) за кога е предвидено заминувањето за Словенија.