Јаневски го објави списокот за Велс и Шкотска

Селекторот на најдобрата репрезентација на Македонија, Чедомир Јаневски го објави списокот на играчи за квалификациските натпревари против Велс и Шкотска кои ќе се одиграат на 6 и 10 септември 2013 година на Националната арена „Филип Втори“ во Скопје. На повикот на Јаневски на 2 септември во хотелот „Александар Палас“ треба да се јават 22 фудбалери.

„Не очекуваат исклучително важни и тешки натпревари. Против Велс и Шкотска започнува нашата битка за подобар пласман во квалификациите, имаме шанса за трето место во групата и тоа е доволен мотив за сериозен пристап во двете пресметки. Најголем дел од играчите беа на списокот и на пријателскиот натпревар со Бугарија.  Повикавме 22 играчи, во неполна седмица не очекуваат два натпревари, а наша тенденција е на секоја позиција да имаме по двајца фудбалери за да се заштитиме од евентуални повреди или суспензии поради картони. Во тимот се враќаат Грнчаров, Тасевски и Лазески. Ситуацијата во нашата група е прилично комплицирана, нашата цел е да го подобриме пласманот и затоа подготовките и сериозноста во пристапот се многу значајни за нас. Повеќето од фудбалерите веќе се во натпреварувачки ритам и сметам дека квалитетно ќе одговорат на повикот. Велс е сериозна репрезентација, исклучително квалитетна и борбена, селекција која  „бега“ од типичниот, островски начин на игра.  Имаат неколку фудбалери од Премиер лигата, го имаат Гарет Бејл, веројатно се враќа  Белами и мораме да ги респектираме, но ќе повторам, пристапот и нашата желба е најважна. Се надевам дека ќе добиеме и голема поддршка од навивачите“, изјави селекторот на „А“ репрезентацијата, Чедомир Јаневски.

Голмани: Томе Пачовски (Мехелен, Белгија); Дарко Тофилоски (Кошице, Словачка); Кристијан Наумовски (Динамо Букурешт, Романија)

Одбрана: Бобан Грнчаров (Ботев П., Бугарија); Стефан Ристовски (Латина, Италија); Николче Новески (Мајнц 05, Германија); Ванче Шиков (Волин, Украина); Александар Лазевски (Говерла, Украина); Даниел Георгиевски (Стеауа Букурешт, Романија); Даниел Мојсов (Бран, Норвешка); Даниел Ивановски (Мјалби, Шведска)

Среден ред: Остоја Стјепановиќ (Висла Краков, Полска); Дарко Тасевски (Кирјат Шмона, Израел); Никола Глигоров (Хазар Ланкаран, Азербејџан); Давид Бабунски (Барселона Б, Шпанија)

Напад: Иван Тричковски (Васланд Беверен, Белгија); Горан Пандев (Наполи, Италија); Мирко Ивановски (Астра, Романија); Агим Ибраими (Марибор, Словенија); Александар Трајковски (Зулте В., Белгија); Адис Јаховиќ (Вил, Швајцарија); Јован Костовски (Леувен, Белгија)

Нашиот национален тим првиот собир го има в понеделник, на 2 септември во 12.00 часот во хотел “Александар Палас“.