Претседателот Иванов ги изненади македонските кошаркари, посетувајќи ги за време на нивниот тренинг одржан вчеравечер во спортската сала „Борис Трајковски”. Изненадувањето за посетата на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, беше подготвено во договор со капитенот на Македонската кошаркарска репрезентација, Перо Антиќ.
Пред заминувањето на Македонската кошаркарска репрезентација во Словенија, каде македонските кошаркари ќе се натпреваруваат на Евробаскетот 2013 година, претседателот Иванов им посака многу успех и среќа на претстојното првенство.
„Секако дека мотивот за освојување на високо место на претстојното првенство ме натера да ги изненадам своите соиграчи приредувајќи го ова изненадување“, рече капитенот Антиќ.
Претседателот Иванов на македонските репрезентативци им изрази поддршка во името на сите граѓани на Република Македонија и им порача да веруваат во себе и во своите квалитети, истакнувајќи дека досега постигнатите успеси треба да бидат дополнителен мотив за освојување висок пласман и на претстојното првенство во Словенија.
Перо Антиќ, во име на тимот, се заблагодари за поддршката, потенцирајќи дека е чест да се бранат боите на Македонија и дека репрезентативците ќе дадат се од себе да ги оправдаат очекувањата и уште еднаш да ја израдуваат целата јавност.
Во знак на благодарност за посетата и искрените желби, репрезентативците му поклонија дрес на претседателот Иванов.