Свечено пуштен во употреба реновираниот објект „Развигорче“

Во рамките на одбележувањето на 8- ми септември, Денот на независноста на Република Македонија, денеска свечено беше пуштен во употреба реновираниот објект „Развигорче“ кој е дел од детската градинка „Јасна Ристеска“. Реновираниот објект, во кој се згрижени 167 деца од предшколска возраст, во употреба го пушти секретарот на општина Охрид Димитар Спасески.

Реновиран е покривот на објектот „Развигорче“, обновен е подот, санирани се санитарните јазли, а комплетно се реконструирани две нови занимални. Во овој објект за прв пат се отвараат јасли, во кои ќе бидат згрижени 13 деца, на возраст од шест месеци до две години.

„Општина Охрид и во наредниот период максимално ќе се залага да ги обезбеди неопходните услови за згрижување на децата од претшколска возраст. Ова е прва етапа , која заедно со отворањето на дисперзирани занимални во селата Велгошти и Лескоец, ќе заврши до крајот на оваа година. Во текот на наредната година ќе бидат преземени уште поголеми активности“, – рече секретарот на општина Охрид Димитар Спасески.

Објектот „Развигорче“ беше реконструиран  со помош на Локалната самоуправа и градоначалникот Никола Бакрачески, но и со донации од општествено одговори фирми и бизнисмени. Со ваквата практика ќе се продолжи и во реализацијата на  најавените  капитални проекти во областа на згрижувањето и воспитувањето  на најмладите во детските градинки.