Македонија елиминирана од Евробаскетот со пораз од 66-76 од Летонија

Кошаркарската репрезентација на Македонија не успеа да се пласира во втората фаза од Евробаскетот во Словенија, откако денешниот пораз во Јесенице од Летонија со 76-66 ги елиминира нашите кошаркари од понатамошното натпреварување.

Летонија многу подобро го почна натпреварот, а поставувајќи своја брза игра со многу контра напади и лесни реализации, рано стигна до двоцифрена позитива од 16-3. Самарџиски ја прекина серијата на противникот со поени од поле, следуваа реализации на Гечевски и Антиќ, но и покрај тоа што се приближивме до шест поени разлика, Летонија со добар шут од далечина и високи преку 70% од поле, ја заврши првата четвртина со 27-16. Нашата репрезентација имаше проблеми во организацијата на нападите, загубивме дури шест топки само во тие први 10 минути, на што Алеш Пипан одговори со повеќе ротации во бековската линија и прво внесување на Дарко Соколов во игра на ова Првенство.

Втората четвртина продолжи со голем број на поени на двете страни, а иако Перо Антиќ и Дарко Соколов погодија две тројки по ред во два напади, нашиот тим тешко се справуваше со нападот на Летонците и разликата се искачи на највисоки 17 поени (43-26). Сепак, следуваше период од две минути во кој успеавме добро да го затвориме рекетот и да ги примораме Летонците на неколку тешки и промашени шутеви од далечина, Антиќ, Брчков и Илиевски наредија 8 поени по ред и Македонија намали на 43-34. Јаниченокс со тројка за негов десети поени успеа да ја прекине нашата серија, со што Летонија го заврши полувремето со двоцифрена предност од 49-36.

Ниту паузата за полувреме не го попречи одличниот шут на Летонците. Берзинс и Бертанс ја отворија третата четвртина со две тројки по ред, помогна и Јаниченокс во нападот со офанзивен скок и реализација и Летонија за прв пат стигна до 20 поени разлика (59-39). Алеш Пипан продолжи да ротира со тимот, а Тодор Гечевски постигна тројка со која почна серија на Македонија од 13-3, за 62-52 на крајот на третата четвртина. Во тој период, Владимир Брчков одигра одлично на двата краја од теренот, а покрај него, поени постигнаа и Војдан Стојановски, Александар Костоски и Предраг Самарџиски.

И покрај тоа што нашите репрезентативци на почетокот на последниот период стигнаа и до едноцифрена негатива (62-54), Летонија успеа да ја задржи предноста и не дозволи пресврт на нашите репрезентативци. Промашивме неколку обиди за три поени кои посеризно ќе не приближеа до резултатот на Летонците, а избраниците на Аинарс Багатскис знаеја тоа да го искористат, за конечна победа од 76-66.

На крајот, Перо Антиќ беше најпрецизен во нашиот состав со 16 поени и 5 скокови, додека Тодор Гечевски постигна 11 поени. Со по 8 поени натпреварот го завршија Војдан Стојановски и Бо Мекејлеб, Брчков додаде 7, а во листата на стрелци се запишаа и Илиевски, Соколов, Самарџиски и Костоски. Кај Летонија, по 15 поени постигнаа Јаниченокс и Берзинс.

Овој пораз значи елиминација на нашата репрезентација од Евробаскетот 2013 година, со една победа во пет натпревари. Пласман понатаму од нашата Група Б обезбедија Србија и Летонија, додека за третото место останува да се борат Литванија и Босна и Херцеговина.