СК „Охрид“ настапи на ревијалниот натпревар Финале Меч 2013 во Велес

По повод 8-ми Септември денот на независноста на Република Македонија СК „Велес“ организираше ревијален натпревар ФИНАЛЕ МЕЧ 2013 во спортско стрелаштво во дисциплините воздушен пиштол и пушка категорија мажи и жени. Со овој турнир СК. „Велес“ за прв пат во Македонија ги прикажа и во пракса спроведе новите правила на ISSF –пукањето на финале, а резултатите постигнати на турнирот ја покажаа големата желба на стрелците да бидат во тек со најновите збиднувања во стрелачкиот спорт.

На овај натпревар СК „Охрид“ настапи со 6 свои стрелци во дисциплината воздушна пушка, а четворица од нив се закитија со медал:

Со извонредно висок резултат од 204,1 на првата позиција за жени заслужено се пласира Нина Балабан, пред својата клупска другарка Алексовска Ангела која испука 191,5 кругови.

Кај мажите пак Мартин Гоџоски од СК „Охрид“ се пласира на втората позиција со резултат од 180,5 кругови, пред Кирил Миленкоски кој заврши како третопласиран со резултат од 158,9 кругови.

„Изненадени сме од гостопримливоста и пријатниот пречек на велешани, од нивото на организација на натпреварот, како и од поддршката што Општината Велес им ја дава за развојот на стрелачкиот спорт.  Единствена темна дамка на овај натпревар остави неприсуството на претставници од Македонската спортска стрелачка федерација, која досега нема организирано натпревар на кој ќе се пука финале, иако според правилата  државните прваци можат да се прогласат откако по завшениот основен дел ќе се пука и финале“, – велат од СК „Охрид“.