На четирите дами во охридската полициска станица за безбедност во патниот сообраќај, денес на пригоден коктел им беше честитан 8 март, Меѓународниот ден на жената. Полицајките, од своите колеги добија цвеќе и пригоден подарок, но и искрени човечки желби за лично и семејно здравје и успех во работата.
Сообраќајните полицајки, од колективот добија признание дека подеднакво, рамноправно, енергично и ефикасно ги извршуваат не така лесните полициски сообраќајни работни задачи. Сообраќајците ја истакнаа врвната професионалност на колешките и нивната внимателност во чувањето на редот и безбедноста во сообраќајот.
Дамите во охридската сообраќајна полиција истакнаа дека работата ја вршат со задоволство и дека се среќни кога ќе видат возачи, пешаци, велосипедисти и моторџии кои ги почитуваат правилата и се пример на совесни возачи и учесници во сообраќајот. Велат дека не сакаат многу да казнуваат туку пред се советуваат, укажуваат и манифестираат толеранција. Посочуваат дека не им простуваат и ги казнуваат оние возачи што се под дејство на алкохол или дрога.
„Не дозволуваме неред на охридските коловози. Во сообраќајот ред мора да има“, – енергични се четирите дами во охридската полициска станица за безбедност во патниот сообраќај.