Завршена првата фаза од проектот за конзервација на јужниот бедем на сцената „Долни Сарај“

Со средства од Министерството за култура во Охрид заврши реализацијата на првата фаза од проектот за конзервација и санација на оштетениот јужен бедем на летната сцена „Долни Сарај“.

Поради староста на малтерот во изминатиот период честопати  доаѓаше  до одрони на делови од ѕидините кои се надвиснати над Охридското Езеро, што претставуваше голема опасност за минувачите што се движат по фрекфентната патека која го спојува градот со населбата Канео.

Проектот со кој овој простор се заштити од понатамошно пропаѓање се одвива во две фази. Во првата фаза годинава извршена е реконструкција на оштетените делови од јужниот бедеми, а обновени се  и дотраените дрвени појаси.

Во рамките на втората фаза од проектот во 2014 година ќе се изврши целосна санација на скалите и фугирање на внатрешниот скалишен простор кој ја поврзува сцената „Долни Сарај“ со езерскиот брег. Истовремено ќе се изврши илуминација на скалите и ќе се направи мост кој ќе го поврзе брегот со времената пешачка патека кон населбата Канео.

Инаку овој историски локалитет за време на Отоманската империја претставувал летен сарај на султанот, додека бедемите околу него датираат од постар период. Денес тој е летна сцена на која се одржуваат фестивали, концерти и други културни настани.