Поради постоење на основи на сомнение за сторени вкупно 15 казнени дела „Тешка кражба“, поднесе кривична пријава против П.П.(24) и Д.Н.(31) од Охрид. Нив истражен судија им одреди мерка притвор во траење до 30 дена.
Пријавените, во периодот од 18-ти Јули до 8-ми Септември оваа година неовластено одзеле близу 2200 литри нафта со што се стекнале со противправна имотна корист од 160.000,оо денари. По претходен меѓусебен договор, сега притворените со употреба на подесен алат и физичка сила насилно ги отварале резервоарите од туристички автобуси паркирани пред ресторани, хотели и други угостителски објекти во градот и хотелските комплекси. Тука, користејќи го алатот вршеле отварање на резервоарите и со црево ја прелевале нафтата во пластични канти. На тој начин, П.П. и Д.Н. оштетиле повеќе туристички автобуси од Полска, Чешка, Австрија, Литванија, Бугарија, Романија, Албанија и Македонија. Пријавените, кражби на нафта вршеле и од товарни моторни возила паркирани во периферниот дел на градот. Одземената нафта, пријавениот П.П. кој бил нерегиструран такси превозник ја користел за свои потреби а останатиот дел заедно ја продавале на неколку лица од Охрид.
При извршен претрес во нивните домови како и во такси патничкото моторно возило марка „Форд Ескорт“ полициските службеници пронајдоа повеќе пластични канти од 200 литри, нараквици, повеќе ребрасти црева, рачно изработена инка, една безбол палка како и други предмети. Тие се одземени и предадени на вештачење во министерството за внатрешни работи во Скопје.
Пријавените се лица познати на службата против кои, по разни основи и досега се поднесувани кривични пријави.