Одбележан денот на заштита на озонската обвивка

Денеска, во собраниската сала на Град Скопје, се одржа свечена манифестацијата по повод одбележување на Меѓународниот ден на заштитата на озонската обвивка, на која се обратија министерот за животна средина и просторно планирање, Абдилаќим Адеми, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и раководителот на Канцеларијата за заштита на озонската обвивка, Марин Кочов.

Потенцирајќи ги достигнувањата на нашата земја во однос на обезбедување на чиста и здрава животна средина, министерот Адеми го истакна значењето и улогата на Канцеларијата за озонска обвивка која функционира во рамките на Министерството за животна средина и просторно планирање. Од нејзиното фомирање пред 16 години, па до денес таа постигна видни резултати за што покажува фактот дека 99 % од потрошувачката на супстанциите што ја осиромашуваат озонската обвивка во државата се веќе елиминирани. Покрај другото, интензивирани се активностите на редукција на опасните ХЦФЦ соединенија кај разладните уреди, организирани се обуки на таа тема, на професори од средни училишта, обезбедена е опрема за собирање и рециклирање на разладните средства која ќе им биде доделена на обучените сервисери за разладните уреди, а постигнати се видни резултати и во интензивирањето на регионалната соработка.

На манифестацијата беа доделени и три награди за најдобра фото-репортажа на тема заштита на озонската обвивка и тоа фотоапарат во вредност од 25,000 мкд., уред за климатизација (сплит систем) во вредност од 15,000 мкд. и учебник по архитектура “Затоплување, ладење и осветлување – Одржливи методи за дизајн за архитекти” од Norbert Lechner, Auburn University, USA, преведена на македонски јазик, во вредност од 5,000 мкд. На конкурсот пристигнаа вкупно 59 фотографии од шест автори.

16ти Септември е прогласен за меѓународен ден на заштитата на озонската обвивка со Резолуцијата 49/114 на Генералното собрание на Обединетите Нации. Оваа година меѓународната заедница го обележа овој ден под мотото „Здрава атмосфера: иднина која ја сакаме“ и целта е да потсети на се она што е сторено и она што треба да се направи за да се обезбеди чиста и здрава животна средина за идните генерации.