Царинските службеници на Аеродоромот „Александар Велики“ – Скопје, утрово спречија обид за шверц на 748 штеки цигари.
Околу 05:00 часот на скопскиот Аеродром Александар Велики царинските службеници во соработка со граничната полиција, при вршење на редовна контрола на стоки и патници за летот на релација Скопје – Лондон Лутон, кај четворица македонски државјани пријавени за излез од државата открија поголема количина цигари од различен бренд.
На прашањето дали имаат нешто да пријават четворицата патници, сите со двојно државјанство и носители на бугарски пасоши, одговориле негативно. По барање на царинските службеници за увид во личниот багаж на патниците пронајдена се вкупно 748 штеки цигари WINSTON, WINSTON BLUE, CAMEL, DIVA, LD RED, LD BLUE, KARELIA OM, KARELIA SLIMS. 615 штеки се со македонски контролни маркички, додека 133 штеки се без акцизни маркички.
При извршениот службен разговор, утврдено е дека станува збор за организирана група која се обидела да шверцува цигари и дека цигарите се наменети за продажба на црниот пазар во Лондон, каде вредноста би достигнала до 75 илјади евра.
Цигарите се одземени, а против прекршителите отпочната е постапка пред Комисијата за одлучување по царински прекршоци.