Марш по повод меѓународниот Ден на мирот – 21 септември

Општинската организација на Сојуз на борците од Охрид и Дебрца организираше Марш по повод меѓународниот Ден на мирот-21 септември, под мотото Ветераните чекорат за мир.

Соочени со постојаните закани за загрозување на најдрагоцената придобивка и потреба на човештвото-Светскиот мир, Организацијата на Обединетите нации го прогласи 21 септември за Ден на мирот. Светската федерација на ветераните, секоја година, традиционално во овие денови организираа насекаде во светот мировни манифестации под симболично име-Ветераните маршираат за мир. Сојузот на борците од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941-1945 и граѓаните антифашисти, продолжувачи на слободарските традиции, како рамноправен член на Светската федерација на ветераните во која е примена под уставното име, секоја година е организатор на оваа мировна манифестација во нашата република. Боречката организација од Охрид и Дебрца секоја година на овој ден порачува, да се заборават ужасите од војната, да се живее мирно.

Пред присутните, секретарот на ОО на СБ-Охрид и Дебрца Снежана Лазароска, ја пренесе пораката од Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-Мун.

Оваа организација положи и свежо цвеќе на паднатите борци и илинденци на спомен обележјата во близина на градскиот плоштад во Охрид.