Ј.П. „Охридски Комуналец“ во соработка со „Пакомак“ – Скопје, денес одржа работен состанок со директорите на основните школи на територијата на општина Охрид. Главната цел на овој состанок е заштита и унапредување на животната средина со тенденција на намалување на количествата отпад преку негова селекција и рециклирање, за што нашите најмлади сограѓанчиња ќе се едуцираат и ќе стекнуваат еко-навики од школската средина.
Ј.П. „Охридски Комуналец“ во школските дворови од основните училишта ќе постави по три контејнери:
- син контејнер во кој ќе се фрлаат отпадоци од хартија (весници, тетратки, хартиени вреќи и кеси и.т.н.);
- зелен контејнер во кој ќе се депонира отпад од метал (лименки, конзерви, метални кутии и капачиња) и
- жолт контејнер во кој ќе се фрлаат пластични отпадоци (пластични шишиња, чаши и кутии, кеси и најлон фолии).
На овој начин нашата најмлада популација најдобро ќе ја имплементира еко-заштитата во својата средина, со што ќе придонесат за заштита на целата планета. Средставата пак собрани од селектираниот отпад ќе овозможат реализирање на многу други еколошки проекти и подобра иднина за новите генерации кои ќе седнат во школските клупи.