Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов и директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Влатко Поповски информираа за огласот за учество на обуки за напредни ИТ вештини за невработени лица и спроведувањето на ново анкетирање на активни и пасивни невработени.
„Еден од приоритетите на Владата на Р.Македонија е превземање на конкретни мерки за подобрување на вработливоста на невработените и нивно вработување, преку оперативниот план за вработување и активните мерки, се реализираат и обуки со кои на невработените лица ќе им се овозможи надградба на вештините од областа на напредните информациските технологии , кои се насочени кон зголемување на вработливоста и конкурентноста на пазарот на труд“, рече Спасов и информираше дека денес е објавен јавниот оглас за учество на обуките кои ќе се спроведуваат за програмските пакети: јава веб девелопер и графички дизајнери
„Ова се програми за напредни комуникациски вештини, кои посебно на младите ќе им овозможат да бидат поконкуретни на пазарот на трудот. воведувањето на обуките спроведувани од професионални обучувачи е резултат на следењето на потребата од вештините и умеењата кои денес најмногу се бараат од работодавачите особено во информатичкиот, телекомуникацискиот, банкарскот сектор како и многу други“, информираше Спасов.
Министерот за труд и социјална политика го најави и новото анкетирање и ажурирање на лицата кои се декларираат за невработени, односно активни и пасивни невработени.
„Би сакал да напоменам дека Агенцијата веќе изврши вакво анкетирање при што невработените имаа можност преку формулари да се изјаснат дали ќе бидат впишани во регистарот на активни или пасивни баратели на работа. Првото анкетирање покажа дека од вкупно 215.500 регистрирани невработени (само за потсетување оваа бројка во мај 2006 беше 355 илјади лица), при што како активни невработени се изјаснија 92 100 лица додека пак како пасивни невработени се изјаснија околу 123 000 лица заклучно со септември“, истакна Спасов и додаде:
„Во наредните три месеци Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување ќе спроведат уште едно анкетирање и ажурирање на невработените лица. Клучната цел на ова ажурирање на податоците и анкетирање на невработените, е подетално да им се објаснат на граѓаните, условите и предностите доколку се впишат како активни или пасивни невработени. Како пасивни невработени, овие лица го задржуваат правото да учествуваат за бесплатни обуки и услуги за стекнување различни вештини, да изработуваат и потпишуваат индивидуален план за вработување, но не бараат агенцијата да им понудува и посредува за работни места ниту пак да учествуваат во активните мерки за вработување и немаат обврска еднаш месечно да се пријавуваат како невработени , туку тоа го прават еднаш во шест месеци, а при тоа да можат да одберат која од бесплатните обуки кои ги нуди Агенцијата да ги искористат. Додека пак активните невработени лица треба да се пријавуваат во агенцијата на месечна основа при што АВРМ има обврска да им нуди и посредува за работни места, да изработуваат и потпишуваат индивидуален план за вработување, и имаат право да учествуваат во активните мерки за вработување како што се субвенционирање на вработување, програмата за самовработување, подршка на мали претпријатија, ит обуки, практикантство и други, кои навистина не само што ги подобруваат вештините и вработливоста на ове граѓани туку и овозможуваат директни вработувања и решавање на најголемиот предизвик на невработените.“