Јавното претпријатие „Охридски Комуналец“ има одлична можност во следниов период да го оправда претходно донесеното мото: „Охрид – препознатливо чист“. Причина повеќе за тоа не се само промените на Локалната власт, туку и промените на раководното место во ЈП „Охридски Комуналец“.
Од оваа година прв човек на претпријатието е жена! Жена која повеќе од три децении е сврзана со ова јавно претпријатие од кое зависи и впечатокот за убавиот Охрид. Разговараме со госпоѓа Елена Скрческа, вршител на должноста директор на ЈП „Охридски Комуналец“…
WebOhrid: Најпрво, како се чувствувате како прв човек на најголемото јавно општинско претпријатие, во кое поминувате речиси цел работен век? Претпоставувам дека во детали го познава(в)те дури и дишењето на фирмата. Беше ли тоа предизвик да ја прифатите оваа раководна функција?!
Скрческа: „Во претпријатието сум цели триесет и пет години. Во текот на мојот работен век како раководно лице на Секторот за сметководство и финансии, целокупното функционирање на претпријатието го следев низ призмата на бројките и документите кои се евидентираа во сметководството. Всушност, финансиите го претставуваат крвотокот на секое претпријатие. Тие допираат до секој сегмент од работењето на претпријатието. Или го придвижуваат или го успоруваат неговиот развој. Од тој аспект, можам да кажам дека секојдневно го пратев „пулсот“ на работењето.
Она што мене ми беше предизвик да ја прифатам оваа одговорна функција беше желбата, но едновремено и обврската, да се отстранат воочените аномалии во работењето, со цел претпријатието да тргне по правиот пат од кој ќе се задоволни сите граѓани на општина Охрид, деловните партнери и доверители, но и вработените како од односот на претпоставените така и од платата која ја примаат како надомест за вложениот труд. Доаѓањето на оваа раководна функција ми даде можност преку донесените одлуки да можам да влијаам врз текот на финансиските и оперативните активности на претпријатието“.
WebOhrid: ЈП „Охридски Комуналец“ е фирма која е формирана од Локалната самоуправа, а тоа подразбира дека раководството на фирмата директно произлегува од мнозинството во советот и од планирањата и довербата на градоначалникот. Така беше и досега со Вашите претходници. Каква состојба и какви вредности Ви оставија во наследство при примопредавањето на раководната функција ?!
Скрческа: „Се разбира дека развојот на јавните претпријатија секогаш е во согласност со политиката и целите на Локалната самоуправа. Во тој поглед ние имаме успешна соработка и целосна поддршка од страна на Локалната самоуправа.
На функцијата дојдов само еден ден откако претходниот директор си поднесе оставка. Од голема корист ми беше претходното знаење и искуство во претпријатието. Го познавав целокупното работење и можев веднаш да продолжам со раководењето на секојдневните активности и да се фатам во костец со наследените и тековните проблеми“.
WebOhrid: Затекнавте многу долгови, се соочивте со многу доверители со ненаплатени услуги. Кој е Вашиот клуч за реализација на овие побарувања или барем за тоа како да се ублажат и одложат во разумен рок?!
Скрческа: „Затекнав навистина многу долгови, но и доверители со кои може да се седне на маса, да се разговара и да се изнајде решение кое ќе биде во корист и за двете страни. Добрата деловна соработка скоро секогаш дава резултати. Со дел од доверителите најдовме заеднички јазик и функционираме со одложено плаќање. Задоволна сум од нивната соработка во изминатиов период.
Ситуацијата значително ја усложнува кредитното задолжување поради кое претпријатието можеше да остане без дел од имотот заради ненавремено сервисирање на кредитот. Затоа подмирувањето на обврските по основ на овој кредит беше еден од моите приоритети. Дополнително постојат судски извршни решенија кои чекајќи на наплата исто така ја задолжуваат сметката со камати. Ситуацијата е тешка, но со домаќинско работење може да се постигне многу“.
WebOhrid: Кои се приоритетите на Вашата овогодишна агенда кои ќе го променат претходниот начин на раководење што би придонесло за брз пресврт во домаќински посветено и одговорно управување со материјалните и со човечките ресурси?
Скрческа: „Секој проблем бара систематско решение за да може тоа решение да биде одржливо на долг рок. Краткорочните решенија можеби на прв поглед изгледаат убаво „нашминкано“ и препознатливо за граѓаните, но на долг рок оставаат проблеми кои ќе треба да се решаваат во наредните години.
Морам да признаам дека во изминатиов период настојував да се отпочне најпрво со решавање на финансиските проблеми, што е на некој начин предуслов за непречено вршење на останатите активности на претпријатието.
Како прв приоритет претставуваше зачувување на имотот на претпријатието, односно регулирање на обврските по однос на кредитното задолжување.
Друг приоритет беше намалување на тековните трошоци на минимум. Секако постојат трошоци кои не може многу да се намалат како на пример потрошувачката на гориво и резервни делови ако се земе предвид дека голем број од возилата се постари и од 20 години. Но постојат трошоци кои може значително да се намалат, односно да се сведат на минимум како што се трошоците за репрезентација, трошоците за телефонските оператори и останати трошоци кои не влијаат на нормалното функционирање на претпријатието. Така, во овој период извршена е анализа на вкупните трошоци на претпријатието по различни видови, со цел намалување на непродуктивните трошоци и унапредување на економичноста во работењето.
Секако еден од моите приоритети е добра комуникација и разбирање како со деловните партнери така и со вработените. Сакам секој вработен да сфати дека претставува дел од една целина, во која секој поединец подеднакво придонесува кон успехот или неуспехот на целината. Тоа е јасно воочливо ако се земе предвид фактот дека нашата работа е видлива за секој граѓанин.
Понатаму, во рамките на зацртаните приоритети и активности за наредниот период е вклучено обновување на возниот парк за подигање смет и одржување на хигиената во градот, обновување на парковите, уредување на приградските населби, како и зголемување на асортиманот на хортикултурни садници за потребите на јавното зеленило и за домаќинствата во општина Охрид“.
WebOhrid: Има ли можност најбрзо фирмата да го оправда своето мото „Охрид-препознатливо чист“ и, што според Вас би значело тоа?!
Скрческа: „Ј.П. „Охридски Комуналец“ ја носи одговорноста за одржувањето на мотото „Охрид – препознатливо чист“. Зад нас е летната сезона која помина без проблеми. На сите реакции од граѓаните кои пристигнаа до нас, беше благовремено одговорено од страна на нашите служби. Јас тука уште еднаш би упатила апел до граѓаните на општина Охрид сите активно да се вклучиме кон одржувањето на ова мото, преку подигнување на свеста во поглед на одржувањето на хигиената и придржувањето кон распоредот за динамиката за подигање на градежен шут и останат отпад. Од наша страна можеме одговорно да потврдиме дека ќе бидеме на располагање да одговориме на нивните барања. Јас би ја искористила оваа прилика да ги повикам граѓаните сите евентуални забелешки, сугестии, пофалби и поплаки да ги упатуваат на нашата е-маил адреса или телефонски, како би можеле благовремено да излеземе во пресрет на нивните барања. Во изминатиов период беа остварувани контакти со дел од месните заедници на општина Охрид на кои средби беше дискутирано за нивните потреби и изнаоѓање решение за нивните проблеми. Таквата пракса ќе продолжи и во иднина. Јас сум уверена дека со добра комуникација и взаемна доверба со граѓаните може да се изнајде решение за секој проблем“.
WebOhrid: Вие сте прва жена во општината и една од ретките во државава кој застана на чело на едно Јавно комунално претпријаие кое секој ден е на увид и на екстерно оценување од страна на граѓаните, а и на туристите кои доаѓаат во градов. Која е предноста да се биде жена и да се биде на едно вакво раководно место?
Скрческа: „Во деловниот свет не постои разлика помеѓу мажите и жените кога е во прашање управување со работењето на претпријатијата, туку повеќе акцентот се става на разликата помеѓу професионалното и непрофесионалното работење. Кога ќе се согледа некој пропуст во работењето веднаш одговорноста се насочува кон раководството на претпријатието и тука нема разлика дали на чело на претпријатието стои маж или жена. Пропусти можат да се јавуват во работењето во било која дејност, но доколку тие на се решаваат благовремено веќе стануваат проблем. Имајќи ја предвид природата на дејноста за која е основано ова јавно претпријатие, како сервис кој треба да им служи на сите граѓани на општина Охрид, проактивниот пристап кон решавање на пропустите и проблемите, домаќинското работење и грижата за неговиот долгорочен развој се од особена важност.
Морам да истакнам дека оваа позиција бара целодневно ангажирање и посветеност кон секојдневните активности, голем напор и вложување. Секако тука големо значење има поддршката и залагањето на најблиските соработници при реализацијата на програмата и плановите за развој на ова претпријатие“.