Јаневски ја остави Македонија, ќе го води белгискиот клуб Монс

Чедомир Јаневски е нов тренер на белгискиот клуб Монс. Тој ја остави репрезентацијата на Македонија и покрај напорите на ФФМ да го задржи. На следните два натпревари против Велс и Србија нашата репрезентација ќе ја предводи новоназначениот в.д. селектор Зоран Стратев.

Во прилог следува соопштението на ФФМ:

„Би сакале да информираме дека досегашниот селектор на македонската фудбалска репрезентација Чедомир Јаневски се реши да ја прекине соработката со Фудбалската федерација на Македонија и својата тренерска кариера да ја продолжи во клуб од првата лига во Белгија.

И покрај искрената и силна желба на луѓето од Фудбалската федерација на Македонија соработката да продолжи, за што беше понуден нов поповолен договорот, досегашниот селектор од свои причини, сепак се реши својот иден професионален предизвик да го бара на друго место.

Како Федерација верувавме во неговите квалитети и желба. Сметаме дека со својот карактер допринесе кон напредокот на нашата репрезентација, особено во подобрувањето на фудбалската игра, мотивираноста на фудбалерите, дисиплината и посветеносте, како и севкупно кон атмосферата во нашиот национален фудбалски тим. И токму затоа очекувавме дека ќе го прифати новиот договор, и  дека и во следниот квалификациски циклус ќе биде дел од нашиот тим.

Му посакуваме среќа на Чедомир Јаневски во понатамошната професионална кариера, а ние во федерацијата по овие два последни квалификациски натпревари, ќе имаме доволно време и простор да најдеме квалитетно решение за нов селектор, кој со уште поголем елан, желба и страст ќе придонесува кон развојот на македонскиот фудбал, изјави Петар Милошевски, Директор на репрезентацијата на Македонија.

Ни остануваат уште два официјални интернационални натпревари, патувања во Велс и Србија, каде како и досега македонската репрезентација треба да ја оправда укажаната доверба од јавноста и повторно храбро и квалитетно да ги одигра овие два натпревари. По консултации со управниот одбор на ФФМ кои беа направени во најкраток можен рок, за в.д. селектор на македонската фудбалска репрезентација на овие два натпревари ќе биде назначен Зоран Стратев, добро познат фудбалски стратег, кој е дел од професионалниот кадар на федерацијата, и координатор на младите селекции.

Веруваме дека имаме иднина, дека постојат млади таленти кои со правилно водење можат да постигнат успех на следен квалификациски циклус и сите притоа да се израдуваме“, – стои во соопштението од Фудбалската федерација на Македонија.