Играниот филм „Соба со пијано“ во режија на Игор Иванов Изи и продукција на Скопје Филм Студио, својата премиера ќе ја доживее во петок 4-ти октомври, со почеток во 20:00 часот. Влезот чини 100 денари.
„Соба со пијано“ е приказ на различни животни судбини доведени на една единствена локација од чиј ракурс може да се допрат најсуштествените аспекти на нашето постоење. Оваа соба е единствениот простор, а кусото време минато во неа единственото време, кога ликовите, изолирани од светот и сета хипокризија во него, ја живеат луцидната страна на сопствениот живот, го живеат она што вистински се.
Во филмот игра домашна и меѓународна група на актери: Наташа Петровиќ, Јовица Михајловски, Светозар Цветковиќ, Васил Зафирчев, Игор Стојчевски, Симона Спировска, Торстен Вогес, Ива Крајнц, Дениз Абдула, Фирдаус Неби, Невена Ристиќ, Јагода Кумриќ, Астрит Алихајдарај, Нино Леви и Јана Стојановска. Специјални гости се: Тони Палмер, Мајк Сарн и Ханес Вегенер.
Сценариото за филмот го напиша Жанина Мирчевска во соработка со Игор Иванов, а дел од авторската екипа се и Томи Салковски – продуцент и кинематографер, Чили Гонзалес – автор на музика, Владимир Павловски-монтажа, Миленко Јеремиќ-сценографија, Елена Дончева-костимограф и Ана Булајиќ Црчек-шминка.
Играниот филм „Соба со пијано“ ќе се прикажува до 11-ти октомври (петок).