Од 87 жртви во сообраќајни несреќи што се случиле од почетокот на годинава, седум се деца на возраст до 14 години. Активностите на надлежните институции за нула деца жртви во сообраќајни несреќи денеска продолжија со промоција на ДВД издание „Сообраќаен буквар 2“.
Десетте филмски стории во „Сообраќајаниот буквар“ со различни теми и ситуации во сообраќајот во ОУ „Стив Наумов“ во Општина Гази Баба заедно со првоодделенчињата ги проследија министрите за внатрешни работи, за образование и за труд и социјална политика, Гордана Јанкулоска, Спиро Ристовски и Диме Спасов.
„Наша цел како надлежни институции е колку што може повеќе да ја подигнеме свеста за одговорноста при учеството во сообраќајот на сите учесници. Токму заради тоа сметаме дека е најдобро сообраќајните правила и прописи и начинот на кој поединците треба да се однесуваат во сообраќајот да се научат од најмладата возраст. Сообраќајниот буквар што го промовираме денеска го направивме достапен до сите дечиња во градинките и учениците до четврто одделение во сите училишта во Република Македонија“, изјави по промоцијата министерката Јанкулоска.
Дечињата, укажа, ќе можат да се запознаат со основите правила на однесување во сообраќајот и нивните одговорности. – На начин прилагоден на нивната возраст ќе им биде јасно ставено на знаење дека учеството во сообраќајот подразбира некакви правила на однесување. Во соработка со Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата се изработени повеќе информативни материјали меѓу кои и видео спотовите на начин на кој ќе го запомнат и ќе им остават впечаток за потоа да можат да ги применуваат во секојдневниот живот, рече Јанкулоска.
Според неа, активностите што се преземаат за побезбедно учество на сите во сообраќајот се поради се почестите сообраќајни несреќи со брзиот технолошки развој и со зголемувањето на динамиката на секојдневниот живот.
Само во првото полугодие од годинава, наведе Јанкулоска, се случиле вкупно 1.894 сообраќајни незгоди, од кои 75 со починати лица. Во 1.818 сообраќајни несреќи имало повредени лица, што значи дека настрадале 3.049 лица од кои 2.960 лица се повредени, а 87 лица го загубиле животот.
„Особено е загрижувачки фактот што во бројот на загинати лица седум се деца. Ова е уште една наша заедничка активност како институции со надлежност во оваа проблематика и наш придонес во декадата за безбедност на сообраќајот и кампањата „Нула деца жртви на сообраќајни несреќи“, што заедно со Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот ја промовираме веќе подолго време“, наведе министерката за внатрешни работи.
Промоцијата на ДВД изданието „Сообраќаен буквар 2“ е дел од традиционалната акција „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“ на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, МВР, МОН, МТСП и општините во Република Македонија.