На 06.10.2013 година во 18:00 часот во Полициската станица во Струга, М.Т.(1974) од с.Горно Татеши–Струга, пријавил дека околу 14:30 часот додека бил на место викано „Долно Тоски“, атар на с.Горно Татеши, кон него, еден од синовите на А.И. истрелал неколку рафали со автоматско оружје, но не го погодил. Од страна на полициските служби е излезено на наведеното место, каде се пронајдени и подигнати за вештачење 14 чаури и еден проектил кој бил во непосредна близина на моторциклот на М.Т., а кој проектил претходно го пробил седиштето на моторциклот.
По увидот на лице место, со наредба на истражен судија извршен е претрес во домот и помошните простории на А.И. во с.Горно Татеши, каде на околу два метри од куќата под запрежна коњска кола пронајдена е една автоматска пушка без сериски број и една рамка со девет куршуми, а исто така при претресот, одземени се и една ловна пушка, еден ловен карабин и пиштол марка „Црвена Застава“ М-57, кои ги поседувал со дозвола. А.И. и неговите синови Б.И. и М.И. се приведени во Полициската станица – Струга. Се преземаат мерки за целосно расветлување на случајот.