Во посета на НУ Библиoтека „Григор Прличев“ – Охрид беа Константин Берсенев – заменик шеф на Мисијата на Амбасадата на Руската федерација на РМ и господинот Александар Алексиев – раководител на секторот за култура во Руската Амбасада.
На средбата, Директорот на Библиотеката и гостите, разговараа за воспоставување на културна соработка меѓу секторот за култура при Руската амбасада и Охридската библиотека. Токму овој сектор во иднина би бил посредник во организирањето и одржувањето на повеќе културни настани меѓу двете земји преку кои ќе се негуваат културата, јазикот, обичаите и традицијата на двата народи.
Заменик амбасадорот на Руската Федерација на Библиотеката подари повеќе книги на руски јазик: руски класици, детска литература, научно-популарна руска литература и периодика. Во моментов во Библиотеката има литература на албански, турски, англиски, француски, германски јазик како и бугарска и холандска литература.
НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид располага со богат и обемен книжен фонд: монографски публикации, периодика, стручна литература, литература наменета за деца и возрасни, роднокрајно одделение, а својот фонд постојано го зголемува со финансиска поддршка на Министерството за култура или преку донации од Владата на РМ.