Велс 1:0 Македонија

Велс ја совлада Македонија со 1:0, во рамките на претпоследното коло од квалификационите натпревари за Светското првенство во Бразил 2014.

На стадионот во Кардиф, репрезентациите на Велс и Македонија одиграа еден цврст, доста изедначен натпревар, со шанси на обете страни. Иако Македонија имаше посериозни шанси во првото полувреме, сепак резултатот остана 0:0.

Второто полувреме започна подинамично, нашата репрезентација тргна во офанзива, се креираа шанси, се бараше приод кон голот на Велс, но без многу успех. Одбраната на Велс расчистуваше секаков вид опасност кон својот гол, а преку контранапади се обидуваше да направи нешто повеќе. Таков беше случајот во 67 минута кога по еден контранапад на домашната репрезентација Крег Белами успеа да го пронајде Симон Чурч кој постигна гол и го доведе Велс во водство од 1:0. Во 85 минута по прекршокот на Николче Новески во нашиот шеснаесетник беше досуден пенал кој Арон Рамзи не успеа да го реализира, односно ударот го одбрани нашиот голман Томе Пачовски. Веднаш потоа имавме неколку шанси за да го изедначиме резултатот, но среќата повеќе беше на страната на домаќинот.

Со овој пораз Македонија е на последното место во Групата А од квалификациите за Светското првенство во Бразил.

Последниот натпревар од овој квалификационен циклус, нашата репрезентација ќе го игра во вторник (15 октомври) против Србија во гости, на стадионот во Јагодина, со почеток во 20:30 часот.

WebOhrid