Со цел спроведување на предвидените мерки и активности во рамки на иницијативата на ЕУ – EMPACT (European Multidisciplinary Platform Against Crime Threats) во Оперативниот акциски план за 2013 година во рамки на Приоритет Б, (намалување на улогата на Западен Балкан, како главна зона за транзит и складирање на илегални стоки, кои се наменети за ЕУ, и логистички центар за организирани криминални групи, вклучително и групи од албанско говорно подрачје) предвидено беше спроведување на заедничка полициска операција со име “Европа 2013“, чија цел беше борба против криминалот со крадени возила.
Притоа во Љубљана, Словенија, се одржа подготвителен состанок, на кој учествуваа претставници од земјите учесници во операцијата и претставници од Европол, Евроџаст, Фронтекс и Интерпол. Согласно договорените заеднички активности на состанокот, Секторот за меѓународна полициска соработка при МВР, како назначена контакт точка на национално ниво за координирање со операцијата, а во согласност со извршените анализи на национално ниво и во соработка со останатите органи надлежни за спроведување на операцијата, изработи Оперативен план за спроведување на операцијата, со предложени мерки и активности, кој беше одобрен од надлежните стратешки авторитети во МВР и доставен до надлежните организациони единици во МВР за постапување.
Во операцијата „Европа 2013“ која се спроведе на крајот од минатиот месец учествуваа: земјите членки на ЕУ – Австрија, Белгија, Велика Британија, Германија, Италија, Романија, Словенија, Унгарија, Хрватска; земјите кои не се членки на ЕУ – Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Македонија, Косово; како и организациите Еулекс и Европол, Евроџаст, Фронтекс, Интерпол.
За време на спроведувањето на операцијата, во Европол беше воспоставен оперативен центар, каде се координираа барањата од страна на претставници од Европол, Интерпол, Евроџаст и Фронтекс. Исто така, во секоја земја се формираше Национален координативен штаб, односно назначена контакт точка за брза размена на информации.
Во националниот координативен штаб партиципираа: СМПС при ЦПС, како национална контакт точка назначена за спроведување на операцијата. Потоа ЦСОСК со претставници од Одделот за сериозен криминал, Единицата за општ и насилен криминал со надлежност за координација на активностите на оперативните служби на национално ниво, како и Одделот за криминалистичко разузнавачка анализа надлежен за изработка на дневни извештаи, информации; Сектор за гранични работи и миграции; Одделот за посебни единици, Единицата за безбедност на патниот сообраќај; Оддел за криминалистичка техника.
Согласно извршените анализи, цел на операцијата беа: секаков вид на возила, патнички моторни возила, товарни моторни возила, работни машини, со посебен акцент на ПМВ од германско потекло (Volkswagen, Audi, BMW, Mercedes) со поголема вредност, односно понови модели, потоа криминални активности поврзани со криумчарење и недозволена трговија на украдени возила, возила предмет на осигурителни, лизинг и други финансиски измами, како и моторцикли од поголема материјална вредност.
Операцијата се спроведе на граничните премини и во внатрешноста, односно на граничните премини кон соседни држави, со засилена контрола на возила и возачи на преминување на државната граница на Македонија. На магистралните и главни патни правци кои водат од и до поголемите градови, а засилена беше контролата на нелегалните „дивите“ премини на границата кон соседните држави кои се користат за нелегална прекугранична трговија и криумчарење со секаква стока вклучувајќи и возила.
Во рамките на операцијата, од страна на македонските полициски служби беше извршена контрола и проверки над 416 лица, 99 документи за моторни возила и вкупно 1396 моторни возила, од кои 1361 патнички моторни возила, 14 товарни моторни возила, два мотори, една градежна машина и 18 други моторни возила.
Притоа, регистрирани се вкупно четири погодоци, односно три погодоци при извршени проверки во ASF базата на регистрирани крадени возила на Интерпол (возилата се пријавени за крадени од Германија, Италија, Словачка), и еден погодок на крадено возило, кое било внесено во националната база на Швајцарија, а по завршување на операцијата и во ASF. Покрај тоа, уште во четири други случаи регистрирани се неправилности, односно поради сомнение за фалификување на бројот на шасија на возилата, одземени се за натамошна експертиза и постапка четири возила.
Имено, од вкупниот број извршени контроли утврдени се неправилности кај вкупно 8 ПМВ и тоа: ПМВ Hummer H2, сопственост на македонски државјанин, а кај возилото е утврдено фалсификат на VIN бројот, а возилото евидира во ASF базата за украдено возило во Германија; ПМВ BMW 320D, кое евидира во ASF базата за украдено возило во Италија; ПМВ Volkswagen Passat, управувано од македонски државјанин, кај кое е утврдено фалсификат на VIN бројот, а возилото евидира во ASF базата за украдено возило во Словачка; ПМВ Volkswagen Passat, кое евидира во националната база на Шварцарија за украдено возило, а внесено е во базата на крадени возила на Интрепол по завршување на операцијата. Исто така кај ПМВ Volkswagen Golf, управувано до српски државјанин, кај возилото е утврдено фалсификат на VIN бројот; ПМВ Volkswagen Golf, управувано од бугарски државјанин – кај возилото е утврдено фалсификат на VIN бројот; ПМВ BMW 530D, сопственост на македонски државјанин, – кај возилото е утврден фалсификат на VIN бројот. Возилото не евидира во ASF базата на крадени волила на Интерпол.
По однос на фалсификлувани документи евидентирано е ПМВ Mercedes 190D, управувано од српски државјанин, за кое постојат сомневања дека е со фалсификувани документи.
Сите наведени возила се одземени и врз истите ќе се извршат дополнителни проверки, а против лицата ќе се поднесат соодветни поднесоци. По барање на унгарската полиција, а поради сомнение дека возилото е поврзано со кривично дело „убиство“, распишана е потрага и по возило Opel Vectra, со бугарски р/о.
Исто така, во рамки на спроведената заедничка полициска операција „Европа 2013“ во два одделни случаи откриена е и опојна дрога, и тоа во еден случај осум килограми марихуана, а во друг случај кај лице турски државјанин откриени се три грама марихуана и пет грама опојна дрога, при што лицето е приведено и против истиот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.