„Денеска ве повикавме за да ја информираме јавноста за завршувањето на рокот за аплицирање на новиот конкурс за прием на 400 полициски службеници. Тоа што може да констатираме е дека се повтори огромниот интерес за вработување во полицијата и се потврдија истражувањата на ОБСЕ и меѓународните организации во кои изминативе години се регистрира континуиран раст на угледот на полицијата меѓу граѓаните.
На наше огромно задоволство, дури 5491 кандидат се пријавија на последниот конкурс за прием на полициски службеници или имаме повеќе од 13 кандидати за секое предвидено место. Веруваме дека од вака висока бројка може да направиме извонредна селекција со која и граѓаните и ние може да бидеме сигурни дека ќе добиеме исклучително квалитетни, подготвени и професионални полициски службеници“ – истакна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на денешната прес-конференција.
Од аспект на соодветната родова застапеност, задоволува и бројот на вкупно пријавени жени кој изнесува 820. Најголемиот дел од кандидатките или околу 87% се Македонки, што укажува на значително помал интерес за вработување во полиција кај припадничките на другите етнички групи. Само 4,5% се Албанки, 2,5% Србинки, околу 1,8% од ромска националност и така натаму.
Што се однесува до етничката припадност на кандидатите, најголем број од нив, 3701 или приближно 67,5% се Македонци. Следат Албанците со 1280 поднесени апликации или 23,3%, а останатите 10% се Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и други.
Најголем интерес имаше во Скопје каде конкурираа 1484 кандидати или 27% од вкупниот број на кандидати. Потоа следи Секторот за внатрешни работи Битола со 870 кандидати, па СВР Куманово со 701, па потоа е Тетово со 641, Штип со 580, а по нив Охрид, Струмица и Велес.
Комисијата која што ќе ја реализира селекција веќе е формирана и наскоро кандидатите ќе бидат информирани за агендата на полагањето на физичките, општообразовните и психолошките тестови. Најпрвин ќе следи проверка на моторички способности. Како и при претходниот прием на полициски службеници, предуслов за натамошно продолжување со селекцијата ќе биде минимумот од 60 стомачни склекови, 55 градни склекови, трчање на 3200 метри за 13,30 минути и 10 згибови на вратило за мажи, додека минимумот за женските кандидати ќе изнесува 60 стомачни склекови, 27 градни склекови и 3200 метри за 16,30 минути, како и други физички проверки, кои би биле определени од страна на Комисијата. По завршување на физичкиот дел, ќе следува писмено тестирање кое опфаќа општообразовен тест и психолошки тест, по што ќе се спроведува поединечно интервјуирање, односно разговор со секој кандидат за полицаец, кој ги поминал претходните фази. Последна фаза во селекцијата ќе бидат здравствените прегледи, односно проверката на здравствените и психофизичките способности на кандидатите. Истите во постапката за селекција ќе се утврдуваат од страна на Здравствена комисија која што ќе биде формирана за таа намена.
Најдобрите 440 кандидати кои ќе ги поминат сите фази од селекцијата ќе ја отпочнат едногодишната обука, по која со најдобрите 400 ќе бидат склучени договори за вработување.