Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на првиот ден од посетата на Пекинг имаше средби со раководствата на три кинески компании, заинтересирани за економска соработка со Македонија.
Станува збор за China State Construction Engineering, најголема градежна компанија во Кина, петта по големина во државата, а десетта во светот, Sinohydro Corporation LTD, која ќе ги гради автопатите Скопје-Штип и Кичево-Охрид и нафтената компанија Sesai Jiliajija Petro Chemical Equipment.
Политичкиот дел, односно средбата со неговиот домаќин, кинескиот претседател Џинпинг Си, е закажана за утре.
Раководството на државната градежна компанија, која е вклучена во проектот за вложување 10 милијарди долари за патишта во земјите од Централно европската иницијатива, го информира претседателот Иванов за нивниот интерес за инвестирање и во Република Македонија.
За таа цел специјален тим на компанијата веќе е во нашата држава и ги разгледува можностите за инфраструктурни проекти.
Претседателот Иванов изрази задоволство од интересот и притоа ги информираше за можностите што ги нудат слободните економски зони и напорите што ги прави Владата за подобар инвестициски амбиент. Стана збор и за проектот Јадранско-Јонска магистрала и нејзино поврзување со Коридорот 8 и 10.
Претседателот на компанијата Sinohydro го информираше македонскиот претседател дека сите подготовки за потпишување на договорите со Република Македонија за изградба на автопатите Скопје-Штип и Кичево-Охрид од нивна страна се завршени и се чека одобрувањето од македонското Собрание по што започнува реализацијата на проектот.
Претседателот Иванов изрази задоволство што Македонија веројатно ќе биде прва од државите од ЦЕИ што ќе потпише конкретен договор од проектот „10 милијарди долари”.
Претставниците на Sesai Jiliajija Petro Chemical Equipment го известија претседателот Иванов дека се заинтересирани за инвестирање во слободните економски зони во Македонија за производство на пумпи за бенински и за електронски автоделови.
На средбите со раководствата на кинеските компании претседателот Иванов беше придружуван од министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Џери Наумоф.
Преку проектот Инвестирајте во Македонија и приватни кинески бизнисмени ги учат поволностите за влез во државата. Фред Чанг, кој има своја консултантска фирма и соработува со Европа, планира да инвестира во Македонија.
Во изјава за македонските новинари рече дека иако пазарот е мал, сепак Македонија се наоѓа на добра позиција во однос на поставеноста кон Европската унија.
„Доколку кој било инвестира во Македонија ќе биде во можност да се фокусира и кон целиот европски пазар. Затоа, Македонија не е мала, што претставува добра база за натамошен продор“, истакна Чанг.
Тој смета дека Кина би била добар пазар за македонското вино, но и за органски произведените земјоделски производи, но и дека во Македонија може да се произведува млеко во прав, што би бил исплатлив бизнис за Кина. Чанг како интересни сектори за инвестирање во Македонија ги издвојува земјоделството и енергетиката и тоа производство на алтернативна енергија, преку соларни колектори и ветерници.
Инаку, НР Кина е земја со најбрз економски раст, веќе го презеде второто место на листата најразвиени од Јапонија, а според предвидувањата со континуиран раст може набргу да ги достигне и САД.
Според програмата, претседателот Иванов утре, освен средбата со неговиот домаќин Џинпинг Си, ќе има обраќање на свечениот прием по повод одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Република Македонија и Народна Република Кина, кој ќе се одржи во Салата на мирот во Кинеската асоцијација за пријателство со странски земји.
По Пекинг, претседателот Иванов заминува за Ченгду, во провинцијата Сичуан, каде ќе присуствува на свеченото отворање на 14. Меѓународен форум за Западна Кина, насловен како „Форум за меѓународна соработка на Западна Кина”, кој го организираат 12 провинции на Западна Кина и 12 министерства на Централната Влада.
На Форумот, на кој ќе учествуваат повеќе државници од светот, претседателот Иванов ќе има обраќање на тема „Балансиран развој и заеднички просперитет”.