Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, со предавање пред студентите на Универзитетот за финансии и економија во Ченгду, кој е партнер на Институтот „Конфуциј” во Република Македонија, ја заврши неколкудневната работна посета на Народна Република Кина.
За време на предавањето претседателот Иванов доби високо научно признание – Почесен професор на Универзитетот, на кој студираат околу 23.000 студенти.
Зборувајќи на тема „Патот на мудроста, патот на свилата и патот до економскиот успех”, македонскиот претседател истакна дека Република Македонија и Народна Република Кина ги поврзува насоченост кон економскиот успех и според тоа природно е две успешни економии да соработуваат.
Претседателот Иванов смета дека Република Македонија и Народна Република Кина ги поврзува патот на мудроста, затоа што и Кина, но и Македонија и Балканот воопшто, како што рече, ја имале среќата да бидат на простор каде се јавиле и каде дејствувале големи народни учители, чие знаење станало дел од светската мудрост.
„Денес, Македонија, како и остатокот од светот, се тие што треба да користат огледало за да го копираат кинескиот успех на полето на економскиот, индустрискиот и техничко-технолошкиот раст и развој“, рече претседателот Иванов.
Притоа им порача на студентите да инвестираат во иновациите, истражувањето и развојот, во талентите и новите технологии и целосно да бидат насочени кон иднината.
„Ние гледаме кон иднината и сакаме да соработуваме со пријателска Кина. Сакаме да видиме повеќе инвестиции од Кина во Македонија. Ако до сега не поврзуваше традицијата на патот на свилата, од сега па натаму може да не поврзува заедничкиот пат до економски успех“, истакна претседателот Иванов.
Одговарајќи на прашања на студентите кои пројавија интерес и за економската состојба во Република Македонија, тој изрази надеж дека некои од нив ќе дојдат и ќе водат бизнис во Република Македонија.
Претходно, на средба со раководството на Универзитетот, беше договорено образовната соработка да продолжи.
Претседателот Иванов, согласно интересот на Владата за внесување традиционална кинеска медицина во здравствениот систем на Република Македонија, придружуван од министерот за здравство Никола Тодоров, имаше средба и со раководството на Универзитетот за традиционална кинеска медицина.
На средбата беа договорени конкретни чекори за реализација на интересот, размена на доктори и студенти, со цел традиционалната кинеска медицина да стане дел од студентската програма на Универзитетот во Штип.
За време на неколкудневната работна посета на Кина, претседателот Иванов во Пекинг имаше средба со претседателот на Народна Република Кина, Н.Е. Џинпинг Си и обраќање на приемот по повод одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји. Посети и неколку компании заинтересирани за соработка со Македонија.
Во Ченгду, шефот на македонската држава учествуваше на Форумот за меѓународна соработка на Западна Кина, на кој имаше обраќање на тема „Балансиран развој и заеднички просперитет”. Оствари средба и со претседавачот со Сенародниот конгрес на Сичуан, г-дин Ванг Донгмин.