Шестчлена делегација на регионалниот одбор на охридскиот СОНК, предводена од претседателот Ацо Речкоски, а во чиј состав беа и Јованка Колоска, Милица Маневска, Катерина Крстеска, Мери Ристеска и Димче Донески, деновиве, од 25 до 28 октомври 2013 г., беше во работна посета на Софија и Пловдив, Република Бугарија, каде по иницијатива и покана од Софискиот Синдикат на Учителите беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу синдикатите СОНК (Охрид) и ПОТКРЕПА (Софија).
При самиот чин на потпишување на меморандумот беше истакнато дека и двата синдиката се согласни да се залагаат за заедничка синдикална соработка и да раазменуваат позитивни искуства за подобрување на стандардот на вработените во просветата, како и за олеснување на воспитно – образовниот процес, како за учениците, така и за наставниците. Начинот на кој ќе се одвива оваа соработка е и преку збратимување на одделни и соодветно стручни училишта , како од основното, така и од средното образование кои егзистираат во Охрид и во Софија.
„Ние во Софија имаме преку 200 училишта во кои работат нашите членови, членови на синдикатот “Поткрепа”. Самото име зборува дека ние постоиме за поддршка и поткрепа на сите вработени во образовните институции. Секако, Софија е голем град, но искуствата и од помалите, но различни средини, градови и држави се корисни и затоа се радувам на оваа соработка меѓу Софија и Охрид и очекувам таа да биде од корист не само за охридските и македонските, туку и за софијанските и за бугарските учители“, – истакна претседателката на софијанскиот синдикат при “Поткрепа”, професор Милена Мавридиева
„Ние од регионалниот одбор на СОНК сме почестени од прифаќањето на нашата иницијатива и особено од нивната покана , а воодушевени сме особено од нивниот прием и од нивното топло добредојде во Софија, каде и го потпишуваме овој наш заеднички документ. Од Софија и од нашите колеги ќе има што да научиме и да преземеме како позитивни синдикални и образовни искуства, а истотака, се надевам, некои од нашите подемократски одредби од нашите Колективни договори ќе можат и тие да ги преземат и понатака да се изборат да ги прсликаат во нивни заштитени и законски права. Впрочем, тоа е и целта на нашата соработка! Очекувам, нашата билатерална соработка заедно со веќе остварената соработка со синдикатот од Србија да прерасне во една мала балканска интернационала која ќе се посвети на достоинството на Учителот“, – рече Ацо Речкоски, претседателот на РО СОНК – Охрид.
За време на тридневната работна посета на Бугарија делегацијата од Охрид беше примена и од синдикалните лидери на Пловдив, каде посетија дел од овој древен културен и универзитетски град во кој егзистираат пет универзитети центри, а во кои има и голем број на македонски студенти.
Охридските синдикални лидери имаа можност да ги посетат и да ги разгледаат речиси сите поголеми културно –историски белези иа Пловдив и на Софија, а и да разменат првични искуства од областа на образованието и на севкупното живеење во бугарското и во македонското општество.
Првата следна средба е закажана за во Охрид, напролет, до кога ќе се направат подготовки и концепти на самата работна агенда во која секако ќе бидат вклучени многу настани и многу повеќе наставници и други просветни работници од двата града, од двете соседни држави – од Македониоја и од Бугарија.
Од бројните фотографии кои ги овековечија трите дена во Софија и Пловдив може да се потврди и искреното и пријателско дружење на македонските – охридски лидери, на СОНК и на софијанските, на ПОТКРЕПА.
Напис и фото запис: ДИМ ДОН