Градоначалникот Трајкоски оствари средба со жителите на с.Волино

Градоначалникот Игор Трајкоски оствари средба со жителите на с.Волино, на која што беа презентирани активностите на Општина Дебарца конкретно за с.Волино, што е до сега реализирано и што се планира да се реализира.

Од страна на градоначалникот присутните се запознаа за активностите кои беа реализирани за с.Волино, меѓу кои се реконструкцијата на полигонот за мал фудбал, изградбата на новото училиште каде што Општината вложи дополнителни 600.000 денари за приклучување на електричната и водоводната мрежа како и партерното уредување. Од планираните активности градоначалникот посочи дека ќе се изработи урбанистички план за с.Волино, бидејќи до сега воопшто нема никаква урбанистичка документација и дека со новите правила без урбанистичка документација не може да се издаде одобрение за градба. Исто така беше посочено прашањето за водоснабдување на селото, бидејќи во летниот период се јавува недостаток на вода за пиење, а селото се снабдува со вода од страна на МЈП Проаква и беше разгледувана можноста како да се реши овој проблем. Жителите беа запознаени и дека е поднесен проект во Министерството за транспорт и врски за изградба на регионален колектор во должина од 8 километри во кој ќе бидат опфатени и одпадните води од село Волино.

Од страна на присутните беа поставувани прашања во однос на расчистување на старото речно корито од Бел Мост до фудбалското игралиште кое е обраснато и натрупано со песок и може да се јават поплави после надојдување на водите во овој дел. Беа поставени прашања за тампонирање на полските патишта, проблемот со јавниот превоз и секако најгорливиот проблем со вработеноста, за што од страна на Градоначалникот Трајкоски жителите беа известени дека се врши изработка на урбанистичка документација на простор помеѓу Волино и с.Мешеишта каде што се планира да се отворат индустриски капацитети, а со тоа би се отвориле нови работни места.

VolinoMZ_02