ЛДП: Дали денес на седницата на Советот ќе бидат ставени двете точки кои беа повлечени на претходната седница?

„ЛДП е задоволна од контрареакцијата на реакцијата од Сојузот за иднината, имајќи предвид дека се подигнало барем нивото на писменост за разлика од минатото соопштение од партијата на власт, истовремено и повикана како политички субјект да одговори на прозивките.

Од друга страна, повторно депримира несфаќањето на основната поента на реакцијата од Сојузот за иднината, односно, очигледната неподготвеност на ДПМНЕ да биде на ниво на задачата. За жал, се решиле да пишуваат за нечија маргиналност несфаќајќи ја првенствено својата неважност и необразованост. За волја на вистината пак, Жерновски (кој не знаеме зошто го споменуваат во оваа контрареакција) по трет пат им покажа што значи волја на народот.

Заради тоа што не чувствуваме никаква потреба да бидеме дел од дневно политиканските комбинаторики, како и тоа да учествуваме во обуката и просветлувањето на некои нови кадри и личности со стаж (кои го дооформуваа своето образование на работното место) од Сужбата за односи со јавност, со едно прашање и едно барање ќе ја завршиме оваа смешна полемика.

ЛДП прашува дали денес на седницата на Советот ќе ги ставите двете точки (урбанистички) кои ги повлековте на претходната седница и дали е вистина дека не само што го разочаравте членството кое Ви ја донесе победата туку и дали веќе немате контрола на гласањето на Вашата советничка група? Покрај другото, ЛДП бара од одговорните во Општина Охрид кои ги вршат тестирањата на вработените, при оценувањето сериозно да ги земат во предвид реакциите и соопштенијата од Службата за односи со јавност и да не дозволат истите да добијат преодна оцена, нормално ако „кецовите„ не ги чуваат за политички неподобните“, – стои во соопштението од ОО ЛДП Охрид.