Работен состанок како дел од циклусот на посети „ЕУ – ИПА Институционална координација“

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски и заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за Европски прашања Фатмир Бесими заедно со секторите задолжени за прашања од доменот на ИПА и ЕУ, одржаа работен состанок како дел од циклусот на посети „ЕУ – ИПА Институционална координација“.

На средбата посебен акцент се стави на разгледувањето на статусот на реализација на активностите од Националната Програма за Усвојување на Правото на Европската Унија (НПАА) и Акцискиот План за пристапување на Република Македонија во Европската унија во пресрет на есенскиот Извештај на Европската комисија.

На состанокот се дискутираше за досегашното користење на ИПА фондовите во секторот на информатичкото општество и јавната администрација и предизвиците во реализацијата на проектите/програмите, плановите за користење на идната ИПА во периодот 2014-2020 година, како и разгледување на активностите за подобрување на успешноста, ефикасноста и ефективноста во користењето на ИПА.