Општина Охрид: Локалната самоуправа ќе биде и натаму силно фокусирана за враќање на изгубеното достоинство и имиџ на градот

Во врска со обвинувањата од ЛДП, Општина Охрид испрати реакција во која стои:

„Почитувајќи ги политичките односи во Советот на општина Охрид, локалната самоуправа, преку одделението за односи со јавност, ниту еднаш не се огласи по меѓусебната преписка на „Сојузот за иднината“ и ВМРО-ДПМНЕ  и коалицијата. Тоа е дел од политичката борба на советниците, кои добиле легален мандата од граѓаните да ги застапуваат нивните интереси. 

Доколку малку подлабоко ги перцепира и анализира деталите, авторот на дописите во ЛДП ќе забележи дека потписник на реакцијата на дописот од “Сојузот на иднината” не е Локалната самоуправа, туку политичката партија ВМРО-ДПМНЕ од Охрид. Тоа не е тешко да се прочита, доколку не сте силно суетен, полн со лицемерност и празен политички популист. 

Одделението за односи со јавност е функционална целина во општина Охрид, која ги извршува работни задачи максимално посветено и професионално, а во него работат луѓе од сите политички профили, кои изминатите години го граделе професионалниот ангажман во локалната администрација. Единствено можеби недостига човекот близок до ЛДП, кој за жал не успеавме да го запознаеме, иако во изминатиот период наводно работел во тој сектор за месечна плата од 30.000 денари. 

Локалната самоуправа, преку нејзиниот Сектор за поддршка на Градоначалникот ќе биде и натаму силно фокусирана на враќање на изгубеното достоинство и имиџ на градот, што секако нема да им се допадне на некои самобендисани суети, полни со лажна претстава за својот скромен капацитет“. – стои во реакцијата од Општина Охрид.