Во охридската библиотека утре ќе биде промовиран романот „Децата од градот“ од Евда Попоска

Утре (вторник) во НУ Библиотека „Григор Прличев“  – Охрид, ќе биде промовиран романот „Децата од градот“ од авторката Евда Попоска.

Евда Попоска е роднокраен автор, а во моментов живее и твори во Струга. Скоро целиот свој работен век го поминува во културата, долго време како библиотекарски работник, а потоа во Домот на културата во Струга чиј успешен раководител беше десетина години.

Во современата македонска литература се појавува во 1992 година со романот „Филомена“ кој наиде на многу добар прием кај читателите и критиката, заради што доживеа и второ издание кое излегува во 1999 година. Седмата книга на Попоска, „Лушпа од кромид“, излегува во 2003 година. Истата може да се нарече и есеј и роман.

Најновата книга на Евда Попоска, „Децата на градот“, ќе биде промовирана утре во Прличевата одаја при НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид со почеток во 12 часот.