Секторот за внатрешни работи Тетово откри мини-работилница за изработување и дистрибуција на фалсификувани дипломи и уверенија од Државниот тетовски унивезитет, наменети за лица од Италија, а вчера (05.11) поднесе и кривична пријава против 30-годишниот М.О од тетовско Селце поради основи на сомнение дека сторил кривично дело – “фалсификување исправа“.
Пријавениот се сомничи дека фалсификувал повеќе уверенија и дипломи од Факултетот за медицински науки на име на лица-странски државјани и по преведувањето на истите кај овластен преведувач, ги заверувал на нотар и им ги дистрибуирал на лицата од Италија. На тој начин осомничениот успеал да завери шест уверенија, додека 16 други не биле заверени, бидејќи нотарот се посомневал во нивната веродостојност, односно оргиналност. Во претресот извршен со соодветна судска наредба во куќата на М.О. во тетовско Селце, пронајдени и одземени биле: една диплома за завршени медицински науки на Државниот тетовски факултет на име на италијански државјанин, две уверенија за завршен Медицински факултет за исто толку лица од Италија, две уверенија за завршен стручен испит пред Испитна комисија за стоматологија во Скопје, четири фотографии на лица од Италија, седум други документи во фотокопии на италијански државјани наменети за Хрватска и две тетратки со списоци со имиња на потенцијални, идни корисници на неговите фалсификаторски услуги.
Сето пронајдено во претресот е фотодокументирано, одземено и ќе се вештачи, по што за споменатите лица ќе бидат известени и италијанските власти.
Пријавениот М.О е приведен на граничниот премин Јажинце, а вчера со соодветна пријава беше изведен пред истражен судија на Основниот суд Тетово, кој му определи мерка притвор во траење од 30 дена.