Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска синоќа се обрати пред учесниците на 37-то заседание на Генералната конференција на УНЕСКО, која од 5 до 20 ноември се одржува во Париз.
Подвлекувајќи го значењето на УНЕСКО и авторитетот што го поседува, Канческа-Милевска потенцираше дека во Република Македонија, УНЕСКО се препознава како организација која го оправда своето постоење токму со концентрацијата на политики и развојни цели од заеднички интерес, соопшти Министерството за култура.
„Горди сме на придонесот што го вложивме во промовирањето и имплементирањето на активностите и иницијативите на Организацијата како на национално, така и на регионално и меѓународно ниво“, рече министерката за култура и изрази надеж дека Генералната конференција на УНЕСКО ќе овозможи поставување на нови цели, кои во духот на заложбите на УНЕСКО ќе ја унапредат соработката и ќе ја стават во функција на потребите на граѓаните на државите.
Пред високите претставници, претседатели на влади, шефови на држави, министри за надворешни работи и други функционери од 195 држави во светот, како и претставниците на повеќе од 50 меѓународни организации, Канческа-Милевска потенцираше дека Владата на Република Македонија, како држава-членка на УНЕСКО, обрнува големо внимание на соработката со Организацијата и настојува да воспостави активна и конструктивна соработка со другите држави-членки на УНЕСКО.
„Во периодот меѓу двете генерални конференции на УНЕСКО нашата земја реализираше низа активности кои ги збогатија нашите искуства во доменот на културата, образованието, информатичкото општество, животната средина и другите области, но реализиравме и проекти со кои се обидовме да дадеме свој влог во разрешувањето на проблемите со кои се соочува човештвото“, нагласи Канческа-Милевска.
Министерката за култура, која воедно е и претседател на Националната комисија на УНЕСКО, информирајќи за сите преземени иницијативи и проекти реализирани во соработка со УНЕСКО, истакна дека Република Македонија, како член на Извршниот одбор на УНЕСКО, и во иднина доследно ќе се залага за натамошно развивање на УНЕСКО, засилување на неговата меѓународна улога и унапредување на традиционалната соработка со сите држави-членки.
„Република Македонија е подготвена да го продолжи својот конструктивен придонес во исполнувањето на таа цел и токму затоа, и во иднина ќе се залагаме за зачувување на мирот, продлабочување и развивање на демократските процеси во сите домени на општественото живеење, заштита и унапредување на човековите права и слободи, подобрување на животниот стандард, сестрана соработка со соседите, со Европа и со сите земји во светот“, рече министерката за култура во своето обраќање во седиштето на УНЕСКО.
Во рамки на одржувањето на 37-то заседание на Генералната конференција на УНЕСКО, Канческа-Милевска се сретна и со првиот човек на оваа меѓународна организација, Ирина Бокова, како и со повеќе високи функционери кои присуствуваа на конференцијата, меѓу кои и министрите за култура на Луксембург, Австрија, Латвија, Холандија, Словачка, Шпанија.