Директорката на „Охридско Лето“ Елизабета Јанкуловска на средба со хрватските новинари

„Охридско Лето“ и врвните хрватски Фестивали треба да ја продлабочат и онака успешната соработка преку заеднички проекти. Ова беше потенцирано на денешната средба на директорката на „Охридско Лето“, Елизабета Јанкуловска со истакнатите хрватски новинари – уредници од влијателни медиуми, кои престојуваат во Македонија. Тие се запознаа со програмата и настапите на врвните уметници и пројавија желба медиумски да помогнат за остварување на уште поголема соработка во областа на културата преку презентирањето на Фестивалот во Хрватска и доближивање на хрватската култура во Македонија и македонската во Хрватска.

На средбата беше истакнато дека Фестивалските изданија носат во Охрид околу 1000 уметници, актери, театарски работници, солисти, хористи, музичари… од сите земји во светот.

Изминативе години, како што рече директорката Јанкуловска, Фестивалот „Охридско Лето“ се покажа како еден од најмоќните двигатели на културните дострели во Р. Македонија. Голем број уметници, кои и денес и припаѓаат на светската елита, го прогласија Охрид за свој летен уметнички дом со што го афирмираа градот во интернационалните професионални кругови. 

Новинарите пак кажаа дека самиот факт што Фестивалот „Охридско Лето“ е дел од семејството на Европската Асоцијација на Фестивали е доволен доказ за неговата големина и ветија поддршка кон остварувањете на мисијата- културна Европа со заеднички врвни културни вредности.  

Повеќе од половина век постоење, Фестивалот на сцената ги има хрватските уметници, а годинава, на 20-ти август, своето свечено затворање го имаше со настапот на дубровничкиот театар „Марин Држиќ“ и пиесата „Браќа Карамазови”, во режија на младиот македонски режисер Дејан Пројковски.

За време на  тридневната посета во македонија новинарите од Хрватска имаа прилика да се запознаат со потенцијалите на  Вевчани, Струга, Охрид и Скопје, како и винаријата „Стоби“.

Во Охрид хрватските новинари, кои се гости на градоначалникот Никола Бакрачески, ги разгледаа и најзначајните споменици на македонска историја и култура во старото градско јадро.

OhridskoLetoHrvatskiNovinari2