На денешната прес-конференција, ОО на СДСМ Охрид се осврна на точките од дневниот ред на седницата на Советот на Општина Охрид, која се одржа на 29 октомври. Во прилог ви ја пренесуваме денешната прес-конференција во целост:
„При утврдувањето на Дневниот ред за 12-тата седница на Советот на Општина Охрид, што се одржа во вторникот, на 29 октомври, претставникот од Локалната самоуправа повлече две точки од предложениот Дневен ред, што беа од урбанистичката сфера. Притоа, образложението што го чувме од надлежните беше дека деталните урбанистички планови, за урбаната заедница 2, опфат 4 и опфат 5, ги повлекле од дневен ред поради тоа што опозицијата ја напушти седницата и не учествуваше во нејзината работа. Наводно, сериозноста на тие две точки била многу голема, така што советничкото мнозинство не сакало да расправа по истите без присуство на опозицијата. Oбразложението на предлагачот е невистинито, неискрено и неточно, нашите советници веднаш на наредната седница, што се одржа само 2 дена подоцна, во четвртокот, на 31 октомври, предложија истите две точки да бидат ставени на дневен ред на 13-тата седница. Со оглед на фактот што тие две точки веќе беа поминати на комисиска расправа, и со оглед на фактот што опозицијата беше целосно подготвена да дискутира за тие точки, не постоеше ниту една оправдана причина советничкото мнозинство да не го прифати барањето на СДСМ и да не ги постави на дневен ред за расправа. Опозицијата дури и побара, со предлог за дополнување на дневниот ред, точките да бидат ставени на расправа.
Цели 4 години, во периодот на владеење на поранешните градски власти од 2009 до 2013, советниците од ВМРО-ДПМНЕ беа исклучиво против сите детални урбанистички планови што содржат стамбени згради и секогаш гласаа против таквите планови. Притоа, нивниот таканаречен принципиелен став беше дека во Охрид владее урбаната мафија, дека со таквите планови се прави бетонска инвазија на градот, дека Охрид се уништува како туристички центар и дека тогашните градски власти спроведуваат урбанистичко дивеење и хаос, што го обезличува градот.
На таквите свои перманентни ставови дури ја градеа и својата предизборна кампања за последните локални избори, на кои ја освоија власта. За сега, со промената на власта на локално ниво, тие истите урбанистички планови тие истите луѓе од ВМРО-ДПМНЕ да ги поставуваат на дневен ред и да бараат алиби во опозицијата.
Ние не можеме да сфатиме како е можно принципиелните ставови и длабоките уверувања на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид да бидат толку брзо напуштени и променети. Па сите се сеќаваме како општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ правеше серија од прес конференции, на кои жестоко и неосновано беа напаѓани советниците од СДСМ, дека се дел од урбаната мафија и од урбанистичкото дивеење и хаос на градоначалникот и дека тие, кога ќе дојдат на власт, ќе ја спречат и ќе ја стопираат таквата урбанистичка експанзија на висококатници.
Затоа, ние ги прашуваме одговорните лица во општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ:
– Зошто сега, по промената на градската власт на локалните избори, Вие господа од ВМРО-ДПМНЕ ги поставувате на дневен ред истите детални урбанистички планови, со висококатници во поширокото централно градско подрачје, за кои само до пред неколку месеци толку здушно, бучно и децидно гласавте и се изјаснувавте против?
– Зошто сега, кога механизмот и алатката за поништување, измена, дополнување и враќање на доработка на деталните урбанистички планови се наоѓа во Ваши раце, зошто не се одважите да ги вратите до надлежните државни органи, за да го спречите наводното урбанистичко дивеење и наводниот хаос во урбанизмот на поранешната градска власт?
– Зошто проектираните стамбени згради од 4 или 5 спрата, плус поткровје, сега не ги избришите и не ги замените со ниски градби, од 1 или 2 спрата, како што ја уверувавте охридската јавност до пред само половина година дека ќе го сторат тоа кога ќе дојдете на власт во општината?“ – истакнаа од ОО на СДСМ Охрид.